Гласот на Америка
Додека војните во Израел и Украина продолжуваат, некои политичари и аналитичари го споменуваат стравот дека може да дојде до нов конфликт на Балканот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 ноември изјави дека Русија може да создаде нови кризи на Балканот и во Молдавија со цел да го оттргне вниманието на светот од војната во Украина. Во разговор со новинарите на африканските медиуми, тој тогаш рече дека треба да се обрне внимание на Балканот.
„Верувајте ми, имаме информации дека Русија има долгорочен план. Блискиот исток, потоа Балканот, ако земјите од светот не направат ништо, таму ќе има нова експлозија“, рече Зеленски, а пренесе украинскиот Интерфакс.
Оваа изјава предизвика реакции кај претставници на ЕУ, САД и НАТО.
За ова, на прес-конференција во Скопје на крајот на турнејата беше прашан првиот човек на НАТО, Јенс Столенберг, кој неделава ги посети земјите од Западен Балкан.
„Треба да разбереме дека овој регион е од големо значење за НАТО и во моментов не гледаме никаква закана за Алијансата во овој регион. Гледаме зголемени тензии, особено во Косово. Гледаме и растечки тензии во Босна и Херцеговина, но ние не гледаме никаква директна воена закана за ниту една земја.Значи, да, ние сме загрижени за развојот на настаните кои одат во погрешна насока во некои земји од регионот, но исто така е важно да се има предвид силата и важноста на НАТО“, рече Столтенберг.
Официјални претставници на Европската Унија ја споделија загриженоста на Зеленски. Како што изјави портпаролот на ЕУ Петер Стано по повод обраќањето на претседателот на Украина, ЕУ има информации и веќе извесно време ги набљудува активностите на Русија и изјави дека работи со партнерите од Западен Балкан како да се справат со тоа.
Портпаролот на Стејт департментот изјави за Гласот на Америка дека руската агресија врз Украина само ја нагласува итноста и важноста на работата на Соединетите Американски Држави да им помогнат на земјите од Западен Балкан да ги постигнат своите желби за европска интеграција и членство во еврото-атлантските институции.
Тој изјави дека САД ќе продолжат да работат со земјите од Западен Балкан и европските партнери за зајакнување на владеењето на правото, изборните и антикорупциските реформи кои ќе ја намалат можноста за руско малигно влијание и ќе постигнат долгорочен мир, стабилност и просперитет во регионот. Како една од мерките беа наведени санкциите наметнати од САД кон поединци од регионот, со цел да се спречи руското злонамерно влијание и корупција.
Три дена пред почетокот на израелската војна против Хамас, поради што накусо престана да се зборува за отворање на нов фронт на Балканот, разузнавачката платформа Стратфор објави анализа со прашањето: „Дали Србија и Косово ќе влезат нова војна?”. Во текстот се анализираат состојбите по инцидентот во Бањска, најавата и предупредувањето на Белата куќа дека српската војска треба да го запре трупањето на српска војска на границата со Косово, како и застојот во преговорите меѓу Белград и Приштина.
И додека во текстот се наведува дека инвазијата на Србија не е веројатна и дека благодарение на присуството на силите на НАТО и ЕУ на Косово, засега не е можно враќање на вооружениот конфликт, сепак се додава дека има тензии на северот, што ќе ја отежне нормализацијата, „особено ако се покаже дека нападот во Бањска не беше изолиран инцидент, туку дел од поширок план за дестабилизација или на Србија или на локалните Срби кои дејствуваат независно од Белград“.
Истата недела, медиумската куќа „Гзеро“, која известува за глобалните трендови во рамките на „Евразија груп“, геополитички консултантска фирма, објави напис со прашањето: „Дали Србија навистина ќе направи нешто екстремно во Косово?“. Како одговор на ова прашање, се наведува дека и Србија и Косово својата иднина ја гледаат во ЕУ и дека „српскиот претседател Александар Вучиќ знае дека инвазија на Косово би била самоубиствен потфат за секоја надеж за членство во ЕУ“. Основачот и претседател на Групацијата Евроазија, американскиот политиколог Иан Бремер во тие денови изјави за CNBC дека „Од нула војни во Европа, наскоро може да бидеме сведоци на две војни“. Страхиња Матејиќ, кој работи во кабинетот на Бремер, истакнува дека овие коментари се дадени по нападот врз косовската полиција во Бањска, но и неколку дена пред почетокот на војната во Израел.
– Коментарот на Иан и нашата анализа првенствено се засноваат на фокусот на Руската Федерација, на нивната војна во Украина. Фактот дека потенцијалните други конфликти би биле добри за претседателот Владимир Путин и за самата Русија, не значи дека шансите за такво нешто, особено на Балканот, се огромни. Тие навистина се зголемија, земајќи ги предвид геополитичките настани во последните година и пол, пред се во српско-албанските односи, пред се во Косово и Метохија, но тоа сепак не значи дека е тоа „главен случај“ за некаков настан, воен настан на Балканот. Пред се, би ги смирил тие очекувања, а посебно, овие коментари на Иан беа во светло на настаните во Бањска, а секако не пред настаните од пред шест недели со нападот на Хамас врз Израел“, изјави Матејиќ за Гласот на Америка.
Меѓутоа, точно еден месец по почетокот на војната во Израел, но и пред предупредувањето на Зеленски, на 7 ноември, американскиот магазин „Фореин аферс“ објавува анализа за улогата на Русија на Балканот, насловена „Вториот руски фронт во Европа“ и што треба да направи Западот за да го спречи Путин да предизвика војна на Балканот. Во текстот се наведува дека „Русија е среќна што го поттикнува историскиот конфликт меѓу Косово и Србија, како и дека тензиите меѓу Косово и Србија ја тестираат отпорноста на НАТО во регионот и дека поддршката од Србија и дава на Русија упориште и на Балканот“.
Се препорачува да се зајакне присуството на НАТО во регионот и да се воспостават кредибилни „црвени линии“ кои Србија не може да ги помине без да предизвика воен конфликт со силите на НАТО. Исто така, се препорачува да се воведат санкции за Белград доколку лидерите на Србија не се дистанцираат од Москва и не ги деескалираат тензиите.
– Не би ја окарактеризирал Русија дека директно ги охрабрува владите, српските или кои било други во Западен Балкан, да отворат нов конфликт. Дали тоа, искрено, би било од корист за властите во Москва? Секако да, но тоа не значи дека Русија во моментов има капацитет да направи такво нешто. Малку земји, како што се можеби Русија, Кина, САД, можат да се грижат за два огромни конфликти од глобални размери, со глобални импликации како Русија против Украина и Израел против Хамас, а не пак за поголем. Во моментов Русија нема ниту капацитет, ниту желба, би го намалил тој воен тапан што можеби го споменуваат одредени автори на горенаведените текстови“, вели Матејиќ.
За соговорникот на Гласот на Америка, една од можностите е Брисел, како што ѝ овозможи на Украина, да дава отстапки и за Западен Балкан бидејќи ЕУ е подготвена да го интегрира регионот и да го стабилизира под свое.