Повеќе од еден месец медиумите се соочуваат со недостаток на транспарентност од страна на властите, но кога станува збор за пофалби, говорницата е мала за целиот владин кабинет. На прашањето за колку му е зголемена платата, првиот вицепремиер Артан Груби, прво не можеше да ја најде платата во вкупните приходи, но потоа дознавме дека неговата нова плата е 125 илјади денари. Тој вели дека нивните џебови можеле да бидат и подлабоки, ако Уставниот суд го укинел членот на законот за плати со ретроактивни мерки, и им биле исплатени зголемени плати за цели 12 години, пишува Алсат.

„Гледам дека мојата плата е најмала од сите вицепремиери и премиери, и е многу помала од моето претходно работно место, но е во согласност со законот. Многу е добро што Уставниот суд не донесе ретроактивна одлука, бидејќи ако грешам коефициентот е замрзнат од 2011 година“, рече Груби, пренесува Алсат.

Министерот за финансии се обиде да го извлече Груби од ситуацијата, тврдејќи дека голем број на избрани и именувани лица добиле зголемување на платите. Но, по комуникацијата преку СМС пораки, Бесими мораше да ја коригира првичната бројка, односно да ја намали за 600.

Според проценката на шефот на финансии, даночните обврзници ќе издвојуваат по 15,6 милиони евра повеќе годишно за покачените плати на функционерите.

„Станува збор за околу 1.600 функционери – во кои се вклучени судии, обвинители, градоначалници, општински советници, директори, што значи дека има широк спектар. Околу 1.000 функционери, мислам дека згрешив претходно! За еден месец се оптоварува буџетот за околу 80 милиони денари, кој за една година би изнесувал 960 милиони денари“, рече Бесими.

Трите највисоки плати, пресметани со коефициент од 4,5, се на претседателот на Собранието Талат Џафери, со нето вредност од 166.207 денари, на претседателот Стево Пендаровски со нето вредност од 164.217 денари, на премиерот Димитар Ковачевски со нето вредност од 156.402 денари. Одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на функционерите беше донесена на 21 март годинава. Априлските плати на функционерите се зголемија за 78 отсто.