Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа денеска присуствуваше на откупниот пункт на „Сокотаб“ во населбата Драчево, со цел утврдување на состојбата со проценката на тутун по класи предаден на второстепена комисија.

При посетата, Второстепената комисија во присуство на министерот повторно отвори и процени 12 кутии тутун. При тоа само во една од оспорените кутии беше утврдено дека има грешка при проценката, односно наместо втора класа, тутунот беше проценет како трета класа, соопштија од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Хоџа, како што информираа од МЗШВ, ги повикал сите учесници во овој процес да бидат трпеливи, бидејќи само на овој начин ќе може да се решат сите проблеми со тутунот.

Во следните неколку дена, министерот Хоџа секојдневно ќе биде присутен на терен, на различни откупни пунктови во државата. Истовремено и Државниот инспекторат продолжува со секојдневните активности на редовна контрола на откупниот процес при што за сите регистрирани неправилности, инспекторите ќе постапуваат согласно нивните надлежности дефинирани со закон, наведоа од МЗШВ. 

Извор:МИА