Фудбалската репрезентација на Македонија составена од домашни фудбалери одигра пријателски натпревар во неофицијален ФИФА-термин и доживеа пораз од Саудиска Арабија (0-1) во Абу Даби. Учесникот на Светското првенство и нашиот национален тим ги тестираа сите фудбалери. Милевски доби можност да види со што располага ПМФЛ, а селекторот на Саудијците, Херв Ренар да темпира форма пред големиот настан во Катар.

Воведните десет минути не донесоа многу возбудувања на двете страни. Македонија имаше шанса преку контра преку Хасани и Дориев, но не ја искористи, додека првата шанса домаќинот ја имаше во 12. минута, кога Абдулрахман шутира над голот од дваесетина метри. Првата сериозна шанса на мечот пристигна во 17. минута, кога голманот Наумовски имаше работа по еден корнер и удар со глава на Алабед. Македонија повторно се закани во 22. минута кога Тошевски започна акција, таа продолжи до Хасани, но не заврши како што треба до Ибраими. До финишот на првиот дел нашиот национален тим држеше топка, ама немаше ништо конкретно пред голот на противникот.

На стартот на вториот дел Влатко Стојановски влезе во игра на местото на Бесарт Ибраими. Токму Стојановски во 50. минута ја имаше првата можност во вториот дел, но не ја искористи. Три минути подоцна вторпат Наумовски беше ставен на тест по грешка на одбраната, ама голманот изби во корнер. На влезот во 60-тата минута, селекторот Милевски повлече четири играчи. Хасани, Максимов, Адем и Наумовски излегоа во игра, на нивно место влегоа Трапановски, Шабани, Николов и Алексовски. Потоа излезе и Дарко Велковски, неговата позиција ја доби Зија Мерџани. Потег повлече и селекторот на Саудиска Арабија кој ги промени сите 11 играчи.

Во 67. минута голманот на Арабите пресече топка пред Дориев кој беше во добра позиција. Три минути по таа можност, Алексовски ја спаси Македонија, по прецизен удар кон голот од работ на казнениот простор на Ал-Акиди. Нововлезениот чувар на мрежата на Македонија беше ставен на тест и во 81. минута, но повторно го положи и топката заврши во корнер. Одбранбениот бедем на Македонија капитулира во 85. минута, кога мрежата на Алексовски ја стресе Салед Калид Алшехри. Играчот на Ал-Хилал покажа рефлекс со глава и го даде деветтиот гол во дресот со државниот грб и тој беше доволен за триумф на Саудиска Арабија. Во финишот на мечот, шанса доби и Марио Младеновски кој влезе на местото на Егзон Бејтулаи.

Пред самиот крај на мечот, спорни судиски одлуки настапија на сцена и директно влијаеја на исходот. Во иста акција, домашните арбитри од ОАЕ не досудија два пенали за Македонија. Влатко Стојановски во првиот обид непрописно беше блокиран и влечен од домашен фудбалер, а потоа со рака од гол линија расчисти еден од домашните и ја врати топката во поле по удар на Трапановски. И покрај сите протести на Македонија, одлуката да нема најстрога казна и црвен картон остана непроменета./Gol.mk