Bo денешното издание „газета дело Спорт“, се наведува дека Милан и Интер со години работеа на проектот за изградба на нов заеднички стадион, во декември добија дозвола од градските власти да го започнат проектот, но Милан реши да се повлече од него.
Планот беше, Милан и Интер, да изградат нов стадион за 70.000 гледачи недалеку од сегашниот „Сан Сиро“, за околу 600 милиони евра. На новиот објект планираа да се преселат во сезоната 2027/2028, но „Газета дело Спорт“, тврди дека Милан се откажал од тој проект и за да започен самостоен проект.
„Големата романса помеѓу Милан и „Сан Сиро“ заврши. Ќе останат прекрасни спомени, но Милан се движи во друга насока без Интер. Клубот успеа да се врати на врвот на италијанскиот фудбал со освојувањето на титулата минатата година, а сега сопствениците сакаат да го вратат и на врвот на Европа“, пишува „Газета дело Спорт“.
„За тоа е потребен нов стадион и на кој ќе игра само Милан, кој има уредена сопственичка структура и иднина, додека кај Интер многу работи се под знак прашалник. Милан сака да има свој стадион кој ќе му носи приходи во текот на целата година, што е клучот за финансиската стабилност“.
Засега нема информации за локацијата на стадионот, но според овој извор Милан сигурно нема да го гради стадионот во областа „Сан Сиро“. Се размислува за три локации во Милано, а за проектот ќе бидат задолжени експерти од Њујорк кои работеа на изградба на нови стадиони во САД.
Милан се пресели на „Сан Сиро“, во далечната 1926 година, неколку месеци по изградбата на стадионот. Тогаш имаше капацитет од 30.000 гледачи и одвреме-навреме се надградуваше, а најголемите промени ги претрпе за потребите на Светското првенство во Италија во 1990 година, кога доби покрив и трет прстен од трибини. И Милан и Интер на градот му плаќаат годишна кирија од околу 8,5 милиони евра.