Најавата на властите за нова инфраструктурна офанзива без да се избере градежна компанија на тендер отвара сомнежи за нови манипулации при трошењето на јавните пари. Експертите од областа на јавните набавки за Алсат велат дека од она што е засега објавено останува нејасно врз кои критериуми и во каква процедура е утврдено дека токму понудата на странската компанија Бехтел Енка е економски исплатлива за да се потпише меморандум за соработка со Владата.

„Доколку постапката отиде чекор подалеку и се постигне договор тој ќе биде доставен за поддршка во Собранието. Од тука можам да заклучам дека всушност идејата е да се заобиколи Законот за јавни набавки…“, вели Сабина Факиќ Центар за граѓански комуникации.

– Advertisement –

Загриженоста на експертите е тоа што доколку на ваков начин се склучи договор со странската фирма, тоа ќе биде продолжување на практиката, големи инфраструктурни проекти да се градат без меѓународен тендер. Овој случај многу наликува на изборот на кинеската фирма Синохидро во времето на владеењето на Груевски, компанија која го гради автопатот Кичево – Охрид, вели Факиќ. За овој случај се води судска постапка, а под обвинение за злоупотреба на службената положба се Никола Груевски, Владимир Пешевски, Миле Јанакиевски.

„…И во периодот кога се склучуваше договорот со кинеската компанија и кога целиот тој пакет, да го кажам на финансиска конструкција се усвојуваше во Собранието, ние како организација укажувавме дека е непотребно да се заобиколи процесот на јавни набавки во изградба на големи инфраструктурни проекти…“, додава Факиќ.

Според првичниот договор, американската компанија Бехел Енка, се нуди да гради автопати на потегот Тетово – Гостивар – Кичево, Струга – Ќафасан, но и од Прилеп до Битола. Се понудила да направи физибилити студија, финансиска проекција и изведба и ќе ѝ го понуди на владата. Но, како владата ќе процени дали цената која ќе ѝ биде понудена ќе биде исплатлива, не се знае, бидејќи ќе нема втора понуда? Компанијата Бехтел Енка го има градено автопатот во Косово кој води кон Албанија. Тој чинел високи 17 милиони долари за еден километар.

Иле Петревски