Косовскиот премиер Албин Курти, изјави дека предлогот на ЕУ не е конечен договор, туку е рамковен или основен договор. Ваквите коментари ги даде на седница на Собранието, каде опозицијата го критикуваше Курти, за нетранспарентност во однос на предлогот на ЕУ.

„Точно е дека има цели параграфи и реченици преземени од моделот на двете Германии, повторно тоа е само основен договор, а не правно обврзувачки, меѓународно обврзувачки договор, она што ни треба. Не може да има конечен договор без взаемно признавање во центарот“, рече Курти.

Курти рече дека следната битка е во рамките на предлогот, 10-тиот член кој се однесува на претходните договори со инсистирање да биде вметнат во преамбулата, што е неприфатливо за Косово.

„Заедницата на општините со српско мнозинство е Заедницата на Хашим Тачи и Иса Мустафа, но благодарение на Владата со мене на чело тоа не се спроведува, а да беше за вас, одамна ќе се спроведеше“, додава Курти.

Шефот на ДСК, Мемли Красниќи, го обвини премиерот Курти дека сака да се сокрие зад опозицијата, а и го праша дали Лајчак или Ескобар го заплашувале што не дава отчет пред пратениците за овој предлог.

„Зошто не го донесе овој документ во Собрание, било на отворена седница или зад затворени врати,. Зошто се уште се крие зад опозицијата, зошто се плашите или ве исплашил Ескобар и Лајчак, тие не се поважни од вашите граѓани што ве гласале“, рече Красниќи.

„Не кажуваш што правиш, но прифати документ. Не си јасен за патот што треба да се изоди, но го прифати документот. Како можеш да прифатиш договор кој не е конечен и нема признавање во него“, рече Лумир Абдиџику, претседател на ДСК.

Претседателот на АИК, Рамуш Хардинај изјави дека Курти не треба да се обвинува за Заедницата. Тој побара Курти да го прифати предлогот на ЕУ.

„За мене и АИК, француско-германскиот предлог е прифатлив. Ја молам оваа влада, да го прифати и да не доцни“, рече Харадинај.

Премиерот Курти на 6 февруари рече дека го прифаќа предлогот на Европската унија за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, „сметајќи го за добра основа за понатамошни дискусии и солидна платформа за да се оди напред“.

Шкелзен Аќифи