Британската кралица Елизабета (94) и принцот Филип (99) ја примија вакцината против Ковид-19, соопшти денеска Бакингемската палата.

Кралската куќа, која ретко открива детали за здравствената состојба на кралската двојка, соопшти дека кралицата одлучила информацијата да биде објавена за да се спречат можните шпекулации и неточни информации, пренесува Би-Би-Си.

Извор близок до кралското семејство потврдил дека вакцината им била дадена на кралицата и принцот Филип од матичен лекар во замокот Виндзор.

Минатиот месец кралицата се појави заедно со други високи членови на кралското семејство за првпат од почетокот на пандемијата. Во 2020 година таа седум месеци – помеѓу март и октомври – не извршуваше ангажмани надвор од кралската резиденција.

Во тој период, принцот Чарлс се разболе од коронавирусот со лесни симптоми. Извори од палатата исто така изјавија за Би-Би-Си дека нејзиниот внук принцот Вилијам бил позитивен на тестот во април – иако палатата Кенсингтон одби да коментира официјално.

Во петокот, третата вакцина против коронавирус – направена од американската компанија Модерна – беше одобрена за употреба во Велика Британија, приклучувајќи им се на вакцините Фајзер и АстраЗенека,кои се веќе одобрени од регулаторите на Велика Британија.

Не е познато која вакцина ја примиле кралицата и принцот Филип.

Премиерот Борис Џонсон изјави дека целта е да се вакцинираат 15 милиони луѓе во Велика Британија до средината на февруари, вклучувајќи ги и згрижените во домови за нега и вработените, здравствените работници, сите лица над 70 години и оние кои се со посериозни хронични заболувања.

Во Велика Британија досега 1,5 милиони луѓе ја примиле првата доза на вакцина против коронавирусот.