Шмихал: Обновата на Украина ќе чини 486 милијарди долари, уништени или оштетено се повеќе од 250.000 станбени згради

Според проценката на RDNA-3 (Трета Брза проценка на штети и потреби), обновата на Украина по руската агресија се очекува да чини 486 милијарди долари, изјави премиерот на Украина Денис Шмихал на владина седница, пренесува Укринформ.

„Борбата за слобода на Украина продолжува. Но, ние веќе ја планираме реставрацијата, вклучувајќи партнери и бараме ресурси“, рече тој.

Премиерот нагласи дека ставот на Украина е непроменет и принципиелен – „Русија мора да плати за сè во целост“.

„Според проценката RDNA-3 што ја направивме со Светската банка, потребите за реконструкција се проценуваат на 486 милијарди долари“, рече Шмихал.

Шмихал појасни дека за време на целосната војна, руските агресори уништиле или оштетиле повеќе од 250.000 станбени згради, околу 4.000 училишта, повеќе од 1.000 болници и многу други објекти.

„Претседателот Володимир Зеленски постави јасна задача да се осигура дека руските средства замрзнати на Запад се користат во корист на Украина“, додаде тој.

Според претседателот на Комисијата за правна политика, земјите-партнери треба да воведат посебна давачка за увоз на руска стока, нафта и други производи, а средствата да ги префрлат на Фондот за компензација за настанатата штета на Украина.

Ј. Ѓ.