Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес и слободно можеме да кажеме како два соседа може и треба да соработуваат, истакна премиерот Димитар Ковачевски во официјалното обраќање на денешната заедничка седница во Скопје на владите на Северна Македонија и на Албанија.

– Не толку одамна целиот Балкан беше во заложништво на ретроградни политики. Потребна беше визија да се види регионот како целина, своите држави како дел од целината и да се дејствува во правец на заедничка европска иднина. Потребни беа прогресивни раководства кои можат да се издигнат над личните политички интереси и лидери кои гледаат напред и кон утре. Повеќе од јасно е дека заедно секогаш можеме повеќе затоа за неколку кратки години преку искрена политичка волја за напредок ние постигнавме и многу повеќе од тоа што можеше тогаш да се замисли. Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Република Албанија никогаш не биле подобри од тоа што се денес. Слободно можеме да кажеме дека сме пример како два соседа, може и треба да соработуваат, рече премиерот Ковачевски.

Тој се осврна и на соработката во услови на криза како во рамки на иницијативата Отворен Балкан и во рамки на Берлинскиот процес, на унапредувањето на билатералните односи и соработката во сферата на одбраната како  рамноправни партнери од доверба на НАТО и на САД.

– Некои не веруваа, но ете ние заедно зачекоривме и во европските интеграции. На 19 јули двајцата во име на нашите држави и граѓаните ја имавме честа да ги чуеме зборовите „ги означувам преговорите за започнати“ кои ги изговори чешкиот министер за надворешни работи. Вашата поддршка и твојата поддршка на политичката маса во тие денови во Брисел е непроценлива и јас засекогаш ќе ја паметам и ценам. Како што се вели во маката се познаваат пријателите, а ти Еди и вие почитувани колеги од Албанија покажавте вистинско и искрено пријателство и недвосмислена поддршка и на европскиот пат, но и при нашето зачленување во НАТО. Ние имаме иста цел полноправно членство и на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Како прогресивни влади вложивме многу труд и покажавме дека само со соработка има напредок, потенцира Ковачевски, нагласувајќи го значењето на реализацијата на проектите за инфраструктурно поврзување на двете земји.

Во контекст на војната во Украина, премиерот Ковачевски нагласи дека земјава се постави јасно на линија на надворешната политика на ЕУ, а тоа го направи и Албанија, двете држави, рече, заедно стоиме на линијата на светскиот мир и ја одржуваме стабилноста на регионот.

– Во заеднички интерес ни е да ги спречиме обидите од трети страни за нивни цели да ги вовлечат нашите држави и целиот Западен Балкан во непосакувани сценарија, сценарија кои ги загрозуваат демократските придобивки на кои толку долго работевме за да ги обновиме, кои ќе ги блокираат можностите за економски развој на државите и ќе го вовлечат регионот во нови изолации и тензии, кои што Балканот едвај ги надмина. Северна Македонија и Албанија заеднички работат на конкретни решенија, вложуваат во сигурна иднина за целиот балкански регион и тоа е веќе јасно за сите. Како демократски влади знаеме дека евроатлантските интеграции се од стратешки интерес за стабилноста и безбедноста, за економијата и животниот стандард на целиот западен Балкан и ЕУ конечно сфати дека нејзин стратешки и безбедносен интерес е Западниот Балкан да биде дел од Европа и дека сега е моментот да се осигура заокружувањето на европското семејство. Овој момент на подадени раце од нашите пријатели и партнери не смееме да го пропуштиме. И ние и ЕУ досега ги исполнивме сите ветување и така и ќе продолжиме, рече премиерот Ковачевски.

Тој оцени дека отворањето на преговорите и започнувањето на скринингот е огромен успех за сите нас, процесот е започнат и сега со целосно заштитен идентитет и национални интереси, признаени и потврдени во Европа, напредуваме во реформите за да обезбедиме европски стандарди  и принципи.

– За нас македонскиот идентитет и македонскиот јазик, признанието од Европа беше многу важно. Преговорите беа мачни и тешки, но успеавме да го постигнеме она за кое се боревме – да го зачувавме македонскиот јазик и да го издигнеме на исто рамниште со останатите јазици на ЕУ. Македонскиот идентитет ќе продолжи да се развива како дел од  комплексниот европски идентитет. Доказ за нашиот напор и исполнетото ветување беше Договорот за ФРОНТЕКС, потпишан со сите 27 членки на македонски јазик без никакви додавки или фусноти, рече Ковачевски.

Тој додаде дека ни претстои „да пристапиме и кон други потреби чекори во Парламентот“, со цел во динамичен процес да ги заокружиме пристапните преговори со ЕУ.

– Нема простор повеќе за оправдување, кои што би го закочиле пристапот на евроинтеграции на нашата држава. Сега се е во наши раце. Очекувам пратениците да покажат одговорност и во Парламентот со цел да продолжиме брзо да се движиме кон ЕУ. Како што заедно ги започнавме преговорите, Северна Македонија и Албанија ја имаат можноста заедно и да ги завршат преговорите, порача премиерот Димитар Ковачевски.

На  меѓувладината седница официјално обраќања имаше и албанскиот премиер Еди Рама по што започна отворена дискусија помеѓу министрите од двете влади.

Во рамки на меѓувладината седница ќе се одржи и церемонија на потпишување на договори и меморандуми од страна на министрите на двете влади со цел продлабочување на соработката помеѓу двете земји.