Косово, Албанија и Хрватска денеска во Тирана потпишаа трилатерален договор за одбрана, врз основа на четири клучни точки во однос на соработката во областа на одбраната и безбедноста, пренесуваат албанските медиуми.
„Признавајќи ги силните и стабилни односи меѓу Албанија, Хрватска и Косово, засновани на заеднички вредности, стратешки интереси и меѓусебни определби во рамките на регионалните безбедносни рамки и другите безбедносни организации, беше потпишан трилатерален договор кој опфаќа четири клучни точки“, соопшти косовското Министерство за одбрана.
Првата точка, како што се наведува, е да се подобри соработката во градењето на одбранбените капацитети и одбранбената индустрија, втората е да се зголеми интероперабилноста преку едукација, обука и вежби, третата е спротивставувањето на хибридните закани и зајакнувањето на стратешката отпорност, а четвртата е да се обезбеди целосна поддршка за евроатлантските интеграции и регионалната одбрана.
Како што се вели во соопштението, целта на договорот е да се зајакне одбраната од хибридните и други закани кои можат да ја нарушат регионалната и меѓународната стабилност.
Договорот вклучува заеднички воени операции, обука и зголемена интероперабилност меѓу силите на трите балкански земји. Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ истакна дека овој договор има за цел да ја зајакне регионалната стабилност, наспроти геополитичките и безбедносните предизвици во Југоисточна Европа.
Косовскиот министер за одбрана Ејуп Маќедонци изјави дека целта на воената соработка не е закана за никого, туку порака до оние кои имаат намера да го загрозат регионот, притоа заблагодарувајќи им се на своите колеги за оваа важна иницијатива.
Алијансата ќе биде отворена за понатамошно проширување, а Бугарија се споменува како потенцијален кандидат за приклучување во иднина.