Врнежите кои паднаа изминативе денови значително ја зголемија влагата во почвата и го прекинаа долгиот и сушен период кој траеше до Нова година. Врнежите од дожд што паднаа во изминативе денови во Струмица, Берово и Штип се три пати поголеми од просекот за јануари. Според агрометеоролозите тие се добредојдени за овошките, виновата лоза и новоподигнатите насади, додека пак за житните култури може да бидат вишок, бидејќи почвата нема да може да ги акумулира. Дождовите ќе продолжат и во текот на наредните денови, а кон крајот на неделата се очекува пад на температурите и врнежи од снег.
Според агрометеорологот од УХМР, Ангелко Ангелевски, дождовите што паднаа во изминатите денови беа повеќе од потребни во земјоделството, почвата беше сува, а лисјата на житните култури пожолтени. Врнежите од дожд го надополнија дефицитот на влага во почвата и ги наполнија празните акумулации.
– Дождовите ја прекинаа сушата која траеше до пред Нова година. Во првата декада на јануари најмногу дожд наврна во Берово и Струмица, 105 и 102 литри на м2, а најмалку во Скопје-Петровец 50 литри на м2. Дождовите што паднаа за овие десет дена во јануари ги надминуваат просечните врнежи од дожд за цел јануари кои се движат од 23 литри во Штип до 49 литри на м2 во Гевгелија. Годинава само во Струмица, Берово и Штип паднаа трипати повеќе дождови од просекот во јануари, а имаме најави дека во текот на наредниот период врнежите ќе продолжат и отстапувањата ќе се зголемуваат, вели за ВЕЧЕР агрометеорологот Ангелевски.
Дождовите се добредојдени за земјоделските култури, но според Ангелевски врнежите кои ќе паднат во наредните денови може да бидат вишок за житните култури и да дојде до задржување на водата на површината на посевот, која ако паднат температурите може да се претвори во мраз и да предизвика замрзнување. Но, кон крајот на неделата се очекува пад на температурите, врнежи од снег и снежна покривка, која ќе ги заштити посевите од мрзнење.
-За овошките и новоподигнатите насади ова е повеќе од добредојдено, бидејќи врнежите се тивки и голем дел се примаат во почвата, а останатите постепено се одлеваат и не предизвикуваат ерозија. Слична е состојбата и со виновата лоза и нема да има проблеми од презимување, бидејќи засега не се очекува поголем пад на температурите од -5, -6 Целзиусови степени, вели Ангелевски.

(А.С.)