Поранешниот англиски судија, Марк Клатенбург смета дека менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп врши притисок на судиите пред големото дерби со Манчестер јунајтед.

Клоп неодамна се пожали дека Јунајтед има привилегиран третман кај судиите кога станува збор за пеналите.
Слушам дека Јунајтед имаше повеќе пенали за две години отколку јас за пет ипол сезони со Ливерпул – изјави неодамна Клоп.

Клатенбург смета дека тоа е знак дека Клоп е загрижен пред големото дерби кое треба да се игра в недела, но и дека исти „игри“ правеше и легендарниот менаџер на Манчестер јунајтед, сер Алекс Фергусон.

– Пред се, тој звучи како лицемер доколку сугерира дека играчите на Јунајтед сакаат да изнудат пенали. Салах и Мане исто така користат слична тактика. Очигледно е дека Клоп станува нервозен бидејќи уште од времето на Фергусон не сме виделе вака очигледен обид да се влијае на судиите пред важен натпревар. Клоп тоа не го правеше минатата сезона кога неговиот тим победуваше секоја недела. Не сака да губи, никогаш не сакал и лесно се навредува. Но, греши кога зборува дека постои аура околу Јунајтед поради одлуките кои им одат во нивна корист. Тоа беше така кога Фергусон беше во клубот, но многу работи се сменија оттогаш. Тоа се ментални игри, обид да се влијае на судијата Пол Тирни и да му се „влезе“ во главата – вели Клатенбург за „Дејли Мејл“.

Најголемото англиско дерби помеѓу Ливерпул и Манчестер јунајтед ќе се игра в недела од 17.30 часот, и тоа ќе претставува дуел на најдобрите екипи сезонава.