Aston Martin DB5, што светот го гледаше во каскадерските сцени во „No Time To Die“, донесе 2.922.000 фунти во корист на наддавањето во добротворни цели, одржано во Кристис во чест на 60-годишнината на филмовите со Џејмс Бонд.
Тоа е еден од трите модели на Aston Martin што беа понудени на наддавањето и се наоѓаше во сопственост на Aston Martin Lagonda. Автомобилот постигна многу повисока вредност отколку што се проценуваше, а новиот сопственик/добротвор наддаваше преку телефон.
Скапиот каскадерски автомобил е еден од вкупно осумте автомобили што биле изработени посебно од Aston Martin за снимањето на No Time To Die (2021). Секој автомобил бил констуриран посебно, за сцената што била предвидена со нив да биде изведена беспрекорно. Репликата на наддавањето во Кристис располага со вртливи регистерски таблици, преклопливи светла, митралези и минофрлачи.
Овој примерок од DB5 се појавува во воведната сцена на филмот, со Џејмс Бонд (Даниел Крег) зад воланот и Медлин Свон (Леа Седу) на совозчакото седиште, во бркотницата по патиштата во Матера, Италија. Автомобилот прикажува исклучителни возни својства, додека двојката со висока брзина минува низ градот за да им побегне на гонителите, за Бонд на крајот да ги активира сокриените митралези.