Со исклучок на градинките, забавиштата и основните училиштата, кои се отвораат во понеделник, актуелните рестриктивни мерки во Грција, односно карантинот и полицискиот час се продолжени до 18 јануари, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас, на денешната редовна прес конференција за ситуацијата со Ковид-19, рече дека одлуките за евентуално олабавување на актуелните мерки, ќе се соопштуваат на седмично ниво.

На 3 јануари беа затворени бизнисите што отворија пред празниците, односно фризерските салони и берберниците, салоните за нега на нокти, центрите за технички преглед на возила, книжарниците и услугата  „click away“, односно подигање нарачка од продавниците, а конкретната одлука е продолжена за уште една седмица.

Мерките се согласно препораките на надлежната комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, а зелено светло, единствено дадоа за отворање на градинките, забавиштата и основните училиштата.

Професорката Вана Папаевангелу, која е член на комисијата рече дека училиштата треба да бидат последни што се затвораат, а први што се отвораат.

Во изминатите 24-часа во Грција е регистриран 721 нов случај на Ковид-19 и уште 49 смртни случаи, со што бројот на заразени се зголеми на 143.494 лица, а на починати на 5.195 лица.

Карантинот во Грција беше воведен на 7 ноември 2020 година и на неколкупати беше продолжуван.