Жените се столбот и силата на СДСМ, ама жените се силата и столбот на општеството, социјалдемократската идеја е единствената којашто нуди пристојни услови за развој и напредок на жените, секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ била власт жените биле во ризик, истакна заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска, на денешната трибина по повод 25 годинишнината од формирањето на Форумот на жени на СДСМ.

„Денеска само после осум месеци на власт, власта на ВМРО-ДПМНЕ ги покажува истите тие карактеристики. Власта на ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за основното, за социјалната и економската сигурност на сите граѓани, а пред се на жените. Сите гледаме како со растот на цените, особено на основните прехранбени производи нашиот животен стандард е срозан. Сите гледаме како со тоа што се случува во Собранието, со поднесениот сет на закони од делот на образованието ВМРО-ДПМНЕ сака да ја загрози онаа околина во којашто се образуваат нашите деца“, посочи Каранфилова Пановска.

Заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска нагласи дека има 250.000 жени, кои не се активни на пазарот на трудот, а ВМРО-ДПМНЕ, иако се обрзал, не води сметка за вистинското место на жените на пазарот на трудот.

„Имаме проблеми во здравството. Во изминатиот период сведочиме колку голем број на деца и бебиња се жртви на неефикасниот менаџмент на здравствениот систем во нашата држава. Никогаш претходно, многу одамна, такви цифри на доеничка и детска смртност не сме гледале. Здравствениот систем мислам дека се помалку нуди услуги кога станува збор за здравјето за жената, за репродуктивното здравје, за менталното здравје“, рече Каранфилова Пановска, додавајќи дека и во културата нема сенс и разбирање за родовите прашања, за прогресивните идеи и политики.

„За семејното насилство, за огромниот процент од над 80 проценти, жени, жртви на насилство, за фемицидите, кои се случуваат секојдневно, мораме да го креваме гласот, како и во купишта други сектори и области“, истакна заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска, на денешната трибина на тема „СДСМ со силно женско лидерство“,се наведува во партиското соопштение.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева истакна дека жените социјалдемократки и младите социјалдемократи, секогаш играле и се уште играат исклучително важна улога во спроведување најдобри политики во интерес на жените и со кои покажавме дека еднаквоста и праведноста можат да бидат реалност.

„25 години жените во СДСМ, па и претходно низ историјата, докажаа и покажаа дека заедно можат и умеат и дека заедничката сила е неограничена и е несицрпен извор на енергија, а доказ за тоа е дека успехот на секоја од нас, е успех за сите нас, порача Колева, додавајќи дека цел, со храброст, интелект, посветеност за напредок, е креирање општество во кое секоја жена ќе може да го достигне својот максимум, искористувајќи го целиот свој потенцијал. Нашата борба е борба за секоја жена, за самохраната мајка, за жената жртва на семејно насилство, жената работничка, жената земјоделка, жената полицајка, жената наставничка, жената функционерка, жената со инвалидитет, жената политичарка, жената домаќинка, жена во секоја професија“, потенцираше таа.

„Нам ни е потребна и неопходна, мудроста и знаењето на искусните, желбата и храброста на младите, безрезервната поддршка на мажите и силата и енергијата на сите нас заедно, за да продолжиме да се издигнуваме да градиме стабилен, еднаков и безбеден систем. Тоа е единствениот начин да покажеме, како најдобро знаеме и умееме , како и секогаш да бидеме предводници во општеството во поглед на женските прашања и родовата еднаквост“, рече Колева.

Претседателката на Форумот на жени на СДСМ Даниела Колева, при обраќањето на трибината се осврна на дел од достигнувањата во изминатите 25 години.

„Благодарение на Вашите заложби и Вашиот труд мои социјалдемократки, од само 5 жени во Првиот парламентарен состав денес имаме 50 жени пратенички, се донесоа голем број закони и стратегии во насока на унапредување на правата и социјалната заштита на жените, промени во Изборниот законик, ЗРО, Родово одговорно буџетирање“, истакна Колева, додавајќи дека остануваат голем број предизвици, а дел од нив се 40% жени во извршната власт, поддршка на жените претприемачки, законско регулирање на интернет просторот со цел спречување говор на омраза, закон за породилно отсуство на жени замјоделки, економска независност и зајакнување на жената, поддршка на жените со инвалидитет и самохраните мајки.