Поглаварите на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија и Вселенската патријаршија, Стефан и Вартоломеј, денеска во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул ја оджаа првата заедничка литургија по примањето на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви, со што се отстрани повеќедеценискиот раскол наложен врз македонската црква. Архиепископот Стефан богослужеше на македонски јазик.

Заедничката богослужба се случува откако во четвртокот на богослужба во манастирот „Балаклија” вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт за враќање во канонско единство со останатите православни цркви. Тогаш, Вартоломеј рече дека многумина православни верници се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква.

На литургијата во Истанбул присуствува и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. Таму се и министерот за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Минатата недела, патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј му го врачи документот (томос) за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на архиепископот Стефан, по заедничката литургија која ја служеа во Соборната црква во Белград со владици од двете цркви. Пред врачувањето, Порфириј рече дека се создале услови и дека Охридската архиепископија има способност да биде самостојна црква.