Претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски вечерва ги повика кумановци на масовна излезност на изборите на 8 мај за државата, како што рече, да продолжи да чекори по европскиот пат.

Во однос на изборните резултати од првиот круг, Пендаровски посочи дека имало седум кандидати и дека затоа разликата е таква. Петте кандидати кои отпаднаа во првиот круг, како што истакна, заедно имале 330.000 гласови кои се блиски до концептот што тој го застапува. Сепак, рече дека нема да ги добие по автоматизам и побара граѓаните да продолжат да се залагаат за концептот којшто носи иднина и прогрес.

– Во  тој случај полесно и побрзо луѓето ќе се решат масовно да гласаат за нас, наместо да им дадат шанса на овие од другиот политички блок кои веќе себе си се прогласија за победници. Слушнав дека делат ресори, министерски, директорски, началнички места. Да не се обескуражувате во вториот круг. Првин влегуваме во формална смисла од нула. Иако противкандидатката гледам дека инсистира на тоа дека се собираат резултатите од двата круга, почнуваме од нула и секој од вас треба добро да размисли пред да го даде гласот за број 1 или 2, рече Пенадровски.

Нагласи дека имаат суштински разлики со неговата противкандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ која, како што рече, заговара носење на нов Устав затоа што наводно односите меѓу заедниците биле пред многу години и новото време барало уредување на меѓуетничките односи на нов начин.

– Ако некој го оспорува Рамковниот договор, а вие живеете во мултиетнички град, вие знаете што тоа значи, наместо да влеземе во промена на Уставот за да одиме напред кон Европа, таа госпоѓа поддржана од нејзиниот партиски лидер сакаат да направат некаков граѓански Устав, кој ние сме го имале во некои периоди и ќе доведе до конфликти на меѓуетничките заедници. Станува збор за прилично сериозен политички концепт, којшто ако го поддржат граѓаните масовно или во мнозински број на 8 ми мај,, може да не врати сигурно назад 15-20 години бидејќи од таа 2001 година има поминато 23 години, рече Пендаровски.

Во однос на дебатите со Силјановска-Давкова, Пендаровски рече дека таа не одговорила на суштинските прашања за државата.

– Дали ќе го репреговараат Договорот што го имаме со Брисел и зошто би го репреговарале кога таму е гарантиран македонскиот идентитет и јазик  и дали имаат намера да влегуваат во уставни промени кои се ризични сами по себе за што било во мултиетничка држава, рече Пендаровски.

Додаде дека не ги дели граѓаните по никаква основа и дека токму затоа слоганот на неговата изборна кампања е така избран.

Според Пендаровски, економијата треба да биде приоритет за да се задржат младите да не се иселуваат од државата.

– Со овие слушнавте приоритет е промена на Устав, промена на односи меѓу заедници, јас не верувам дека тоа треба да биде приротиет, треба леб за овие луѓе, работа за овие млади, инаку ќе се доиселат. Има страшни демографски трендови последните 15-20 години државата се празни, никој нема намера да верува во шарени лаги дека ќе му направиш подобар живот со тоа што ќе репреговараш договори кои не вратија во нормала, рече Пендаровски.