Одбојкарите први од македонските селекции треба да стартуваат во новата година, а јануарската цел им е да изборат пласман на ЕП. Капитенот Никола Ѓоргиев зборува за квалификациите, но и за неговите клупски искуства од Турција, за годината што си замина и за таа што доаѓа

Одбојкарската репрезентација на Македонија во јануари игра квалификации за ЕП и прва од нашите селекции ќе има шанса да избори пласман на континентален шампионат.

Капитенот на одбојкарската репрезентација Никола Ѓоргиев верува дека црвено-жолтите ќе успеат да се пласираат на ЕП што ќе биде вторпат во историјата на нашиот одбојкарски тим.
Тој вели дека минатава година немал големи спортски радости ни разочарувања, но се надева дека оваа ќе биде поинаква, што се однесува до радостите.

– Реално немаше многу големи успеси ни разочарувања бидеќи на сите ни се случи пандемијата и нашата репрезентација немаше настапи. Знаете дека моите најголеми радости и разочарувања се врзани со настапите за репрезнетацијата. Што се однесува до клупските настапи, драго ми е што со мојот тим Инегол од Турција ја победивме екипата на Спор тото која претендира за титулата во оваа земја. Таму настапува прочуениот Бразилец Валас де Соуза. Најмногу жалам за поразот од водечкиот на табелата Фенербахче со кого имавме резултат 2-2, но изгубивме со 2-3 -вели Ѓоргиев кој сезонава успешно игра во турското првенство, а неговиот клуб се наоѓа на седмото место на табелата.

Неговата најголема спортска желба за оваа година е Македонија да се пласира на ЕП. Во група сме со Турција и со Босна и Херцеговина, а шансите ни се добри на квалификацискиот турнир во јануари во Скопје.
– Најголемата спортска желба ми е пласман на Европското првенство 2021 година. Тоа ми е голем сон. Дај Боже да се пласираме, па во лето да играме на Европското првенство. Покрај пласманот на ЕП, посакувам и да оствариме подобар резултат во однос на оној од првото ЕП на кое настапивме. Тоа значи, да влеземе во втората фаза, што можеме да го постигнеме со среќна ждрепка во групата и секако добри подготовки. Желба ми е и со Инегол да влеземе во плејофот во Турција, а потоа да избориме пласман во некој од европските купови. Како и сите и јас посакувам што поскоро да помине оваа пандемија и да се вратиме во номалниот начин на живот – вели Ѓоргиев за желбите за идната година.

 Таргет – прво место во групата

Нашиот тим ќе се обиде да се пласира на првото место во групата во која се уште и фаворитот Турција и БиХ. Првопласираниот сигурно оди на ЕП. Но пласман на ЕП ќе обезбедат и петте најдобри второпласирани екипи од седумте квалификациски групи. Македонија за да дојде до таков пласман треба двапати ја победи БиХ, па дури и да ги изгуби двата меча со Турција. Нашиот тим ќе игра два квалификациски меча со БиХ на 11 и на 14 јануари и два меча со Турција, на 13 и на 16 јануари.

– Данска се откажа од квалификациите и ние ја добивме организацијата на двата квалификациски турнира, па шансите ни се зголемуваат. На минатото ЕП се пласиравме со една победа и со четири бода, а на овие квалификации со две победи над БиХ и со шест бода можеби ќе бидеме пласирани на ЕП. Но ќе зависиме од другите. Со три победи сигурно се пласираме на ЕП. Нашите амбиции се освојување на првото место во оваа група, но мораме да ги гледаме сите варијанти. Турција е фаворит, но, ние сме со квалитет сме веднаш до неа – вели Никола, кој добро го познава турскиот тим.


– Настапувам во Турција го знам квалитетот на тој тим, ги знам играчите и велам дека тој тим е фаворит за првото место во нашата група. Но, не се непобедливи. Најголемата предност им е тоа што на секоја позиција имаат по четири-пет врвни играчи. Најголема слабост може да им биде тоа што се млади. Тие се во процес на подмладување. Можеби имаат еден двајца од постарата гарнитура. Тоа што се млади може во одредени битни моменти кога се крши резултатот да повлијае на наша страна, бидејќи ние сме искусна репрезентација и имаме многу мечеви заедно – вели Никола, кој смета дека ни БиХ не треба да се потцени.

БиХ може да биде замка

– БиХ не е наивна репрезентација и не е аутсајдер, но не е на наше ниво. Со БиХ најголем противник ќе сме си ние самите. Не треба да ги прецениме, ни да ги потцениме. Со нив играме на стартот, тоа ќе ни биде прв меч по повеќе од една година. Притисокот ќе биде огромен. Не смееме да ги потцениме и да мислиме дека сме предобри за нив. Тоа е рецептот како да ја победиме БиХ во двата меча –вели Ѓоргиев, за кого многу е тешко играњето без публика.
– Многу е тешко да се игра без публика. И во Турција играме без публика. Го нема тој адереналин. Натпреварите ми се здодевни. Сигурно дека нашите навивачи ќе ни беа од помош, но во овој момент прво е здравјето. Ќе имаме време подоцна да ги славиме нашите успеси со навивачи – вели капитенот според кого сепак домашниот терен е голема предност.
– Нашата предност е домашниот терен. Иако играме без публика, ја знаеме салата, навикнати сме на се што е во „Борис Трајковски“. Предност се и нашето искуство, енергија, желба за успех и мотивација што ја чувствуваме уште од ЕП во Словенија. И искуството е на наша страна. Сите сме зрели играчи, се познаваме тоа ни е предост – оптимист е лидерот на тимот.
Нашите одбојкари се борат за второ учество на едно европско првенство откако на дебитантско учество во 2019 година за малку не успеаја да влезат во осминафиналето и на крајот се пласираа на 17. место од 24 тима.

Фото: facebook.com/volleyballmkd
 Задоволен од Турција

– Презадоволем сум од сезоната во Турција. Досега одигравме вкупно 30 меча со мојот тим, официјални и контролни. Немам играно само на четири сета во сите тие мечеви. Прв поентер сум во екипата и седми во првенството на Турција. Просек ми е 15 поени по меч. Цел ни е да се пласираме во плејофот што овој клуб долго време не успевал. На седмото место сме, а првите осум одат во плејофот – вели Никола.

Борба со коронавирусот

– Минав 13 дена во самоизлолација. Се чувствував изморен, поспан, ме болеа и коските. По една недела ситуацијата се поправи. Тестовите што следуваа покажаа дека сум здрав. Потоа направив детелни прегледи и нема никакви последици. Фала му на Бога, добро сум и во одлична форма – вели Ѓоргиев кој во Турција прележа коронавирус.

Ѓоргиеви очекуваат принова

– Приватните желби за новата година ми се фамилијата да ми се здрави и живи. Тоа им го посакувам на сите луѓе на светот. Да расте ќерка ми Марија, а со сопругата кон крајот на мај или почетокот на јуни го чекаме и второто дете и тоа ни е голема радост. Посакувам успеси професионално, но најбина ми е фамилијата – вели Никола Ѓоргиев.