Агенцијата за странски инвестиции (Invest North Macedonia) основана во 2005 година е официјална владина агенција за инвестиции и промоција на извозот. Таа е одговорна за привлекување странски инвестиции и поддршка на извозот на Република Северна Македонија. Нејзината мисија е да ги охрабри и поддржи новите странски директни инвестиции во земјата, да воспостави и да ја зајакне деловна соработка со локалните добавувачи и да го промовира извозниот потенцијал на локалните компании на странските пазари.

Во моментот на чело на Агенцијата е Газменд Абдија, кој само што се врати од форум во Абу Даби каде што се одржа Годишниот состанок на инвеститори и веднаш имаше неколку состаноци поврзани со можни инвестиции во нашата земја. Иако, кратко време е прв човек на институцијата, само два месеца, сепак тоа за него е доволно време за да ја потенцира важноста од привлекување на странските инвестиции и веднаш да започне со активности.

Абдија вели дека од преземањето на функцијата директор на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот заедно со неговиот тим посветено работат на примена на добрите практики и искуства во насока на реализација на примарната надлежност на Агенцијата, привлекувањето на странски инвестиции и поддршката за извозот.

Газменд Абдија со директорот на „Magna Investment“, Abdallah Osseiran

-Во економскиот развој на секоја земја странските директни инвестиции имаат значаен импулс и овозможуваат воведување на нова техника и технологија, нови знаења, отворање на нови работни места, нови пазари, зголемување на конкурентноста и продуктивноста на компаниите. Во таа насока сме посветени на промоција и поддршка на клучните таргет индустрии и презентација на потенцијалот пред домашни и странски компании за нови инвестиции во агроиндустријата, ИКТ секторот, енергетиката, автомобилската и фармацевтската  индустрија, истакна Абдија и вели дека нивните планови се така и да продолжат.

-Ќе продолжиме со промовирање на поволната бизнис клима и градење на  имиџот на нашата земја како конкурентна дестинација за започнување и водење на бизнис. Дополнително, се фокусираме на градење и развивање на меѓународни односи и воспоставување на партнерства со меѓународни организации. Од тука реални се нашите очекувања дека со ваков интензитет на работа ќе овозможиме голем број на инвеститори во процесот на носење одлука за инвестирање да ја одберат Северна Македонија како локацијата за реализација на своите инвестициски планови.

Газменд Абдија, Агенција за странски инвестиции

Каква е моменталната ситуација, на што е ставен фокусот? Зошто инвеститорите се одлучуваат за Северна Македонија?

-Војната во Украина оствари значително влијание врз развојот и трендовите на економијата како во Европа, така и во светот. Процесот придонесе многу глобални компании да бараат нови пазари каде што ќе можат да го лоцираат своето производство. Како резултат на тој процес од една страна, како и поволностите кои ги нуди земјата, бенефитите за компаниите  и поволното бизнис опкружување, од друга страна со задоволство можам да констатирам дека Северна Македонија е препознаена и ставена на мапата на голем број на потенцијални инвеститори од Европа, САД и пошироко, вели Абдија.

Според него фактот дека земјата е високо позиционирана и препознаена од страна на инвеститорите како поволна дестинација за бизнис секојдневно се потврдува со остварените средби и состаноци со потенцијалните инвеститори претежно од автомобилската индустрија, енергетиката и текстилната индустрија.

-Она што посебно сакам да го истакнам е и нашата заложба за поврзување и продлабочување на соработката меѓу Агенцијата и образовните институции и инвеститорите во насока на креирање на образовни програми кои ќе продуцираат квалификувана работна сила, а ќе ги задоволат потребите и барањата на компаниите од квалификуван кадар особено во делот на производствениот процес. Ваквите барања од компаниите играат клучна улога во фазата на носење на финалната одлука за инвeстирање, а за нас како институција е битно да дадеме соодветен инпут целиот тој процес да биде поуспешен и поефикасен, вели Абдија.

Посета на CFOpharma, Тирана

Како пример, директорот на Агенцијата за странски инвестиции го посочи и актуелниот повик за финансиска поддршка на инвестиции кој трае до 31 мај.

-Во тек е аплицирањето за финансиска поддршка на инвестиции заклучно со 31 мај, а до Агенцијата барање можат да поднесат сите компании надвор од технолошко – индустриските развојни зони кои оствариле продуктивна почетна инвестиција, пораст на вкупни приходи од работењето и просечниот број на вработени во последната година во однос на просекот од претходните 3 години да не бил намален за повеќе од 5%. Со овие стимулирачки и афирмативни мерки Владата дава поддршка на инвестиции на компании кои ја зголемуваат нивната конкурентност на пазарот преку нови производствени процеси, воведување на нови технологии и креирање на нови работни места со што во крајна линија ќе се поттикне економскиот развој, рече Абдија.

Исто така поддршка се дава и преку мерката за рамномерен регионален развој и истражување и развој.

-Во Законот за финансиска поддршка на инвестиции воведена е мерката за поддршка на рамномерниот регионален развој, со која се стимулираат компаниите во помалку развиени региони да инвестираат.Со цел придонесување кон рамномерен регионален развој, корисниците на финансиската поддршка добиваат финансиска поддршка во зависност од планскиот регион каде што се реализира продуктивната почетна инвестиција. Поттикнати од можноста мерката да биде искористена од повеќе компании во помалку развиените региони во земјата, Агенцијата остварува активна соработка и комуникација со регионите и општините особено понеразвиените региони во насока на мапирање на можностите и потенцијалот со кој располагаат регионите за успешна реализација на нова инвестиција, поддршка на извозниот потенцијал на компаниите  и зголемување на нивната конкуретност.

Втората мерка која претставува значителен поттик и поддршка  на компаниите е мерката за истражување и развој со која се предвидува финансиска поддршка во износ од 50% од вкупните оправдани инвестициски трошоци, открива Абдија.

Според него големо значење за инвестициите во нашата земја, но и за извозот од неа има иницијативата Отворен Балкан.

-Иницијативата Отворен Балкан претставува одлична можност за либерализација на капиталните текови, на тој начин ќе го направи регионот поатрактивен за нови инвестиции, како и за проширување на инвестициите. Оттука неопходно е иницијативата Отворен Балкан да се прошири на сите пазари во Западен Балкан, со цел економската интеграција на земјите да биде уште поуспешна.

Со Сокол Нано, директор на албанската Агенција за развој на инвестиции

Главната цел на иницијативата Отворен Балкан е создавање на  единствен регионален пазар заснован на принципите и вредностите на кои се заснова единствениот пазар на Европската унија, а тоа се слободата на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе.

Во таа насока активно продолжуваме да градиме нови партнерства и јакнење на соработката со Агенциите за инвестиции од Србија и Албанија. Тука би сакал да ја потенцирам и неодамнешната моја средба со директорот  на Агенцијата за развој на инвестиции од Албанија, Сокол Нано на која се разговараше за зголемување на активностите и потпишување на меморандум на соработка со цел зајакнување на врски и поттикнување на инвестициите и извозот во нашиот регион, вели Абдија.

Состанок со Фатос Мустафа, Извршен Директор на FMconsulting

-Како директор на Агенцијата за странски инвестиции со кои компании до сега остваривте контакт и има ли интерес?

-Процесот на донесување на одлука за инвестирање поминува низ неколку фази, клучно е да се напомене дека има компании кои имаат сериозен интерес и се наоѓаат пред донесување на одлука за инвестирање.

На наше големо задоволство инвеститорите остануваат задоволни и покажуваат сериозен интерес за вложување на својот капитал во земјата пред се поради поддршката, довербата и партнерскиот однос на Владата како кон домашните така и кон странските инвеститори.

За нас како институција е од исклучително значење давањето на помош и поддршка на сите компании кои имаат планови да го реинвестираат својот капитал и да го прошират својот бизнис и во таа насока Агенцијата е подготвена да ја обезбеди потребната грижа за инвеститорите во целиот процес, истакнува Абдија.

Газменд Абдија, Агенција за странски инвестиции

-Досегашниот тренд на странските инвеститори кои доаѓаат во нашата земја беше претежно насочен кон автомобилската индуструја, но факт е и дека имаме што да понудиме не само во индустријата, туку и во земјоелскиот сектор и многу други. За што најмногу постои заинтересираност?

-Северна Македонија е одличен избор за лоцирање на бизнисот на странските инвеститори пред сè поради стратешката географска позиција, наоѓајќи се на крстосницата на 2 главни европски транспортни коридори, отворениот пазар со над 650 милиони корисници од Европа и пошироко со што земјата е конкурентна за раст на производството и извозот, поволниот даночен пакет со една од најниските стапки на данок на добивка, високо квалификувана работна сила, една од најконкурентните земји во ЈИЕ во однос на трошоци за работна сила, отворениот пристап и партнерскиот однос на Владата кон инвеститорите, ни одговори Абдија и истакна дека според последниот извештај на Investment Monitor Северна Македонија е рангирана на второ место и има импресивни резултати според Индексот на перформанси на странски директни инвестиции за 2022 година.

-Индексот ги мери нивоата на внатрешни инвестиции на земјата во однос на нејзиниот БДП користејќи ја базата на податоци за проекти за СДИ на GlobalData, која ги следи гринфилд проектите, вели Абдија и додава дека постои голем интерес за инвестирање од страна на компании од автомобилската, текстилната индустрија и енергетиката.

-Во насока на создавање на услови за раст и развој на компаниите, како и привлекување на нови инвестиции како со домашен и со странски капитал, зголемување на извозната активност и конкуретност Владата креираше сет на мерки за поддршка на економијата. Деловните субјекти можат да аплицират за мерките: за отварање на нови работни места, воспоставување и унапредување на соработка со добавувачи од Северна Македонија, воспостапување на организациони облици за технолоки развој и истражување инвестициски проекти од значаен економски интерес, пораст на капитални инвестиции и приходи, преземање на деловни субјекти во потешкотии, како и зголемување на конкуретноста на пазарот. Целта на овие мерки  е стимулирање на инвестиции, технолошки развој и зголемување на конкуретноста на домашните компании, открива Абдија.

Каков вид поддршка дава Агенцијата на домашните компании за нивна промоција на странски пазари, со цел зголемување на извозот?

-Зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, зајакнување на трговските врски и интеграцијата во глобалните синџири се шансите за Северна Македонија да има развој на економијата. Клучот за економски развој на земјава е во развојот на приватниот сектор, така што тој ќе биде во состојба да креира производи и услуги со повисока додадена вредност, кои ќе бидат конкурентни на глобалниот пазар, поточно да ги задоволува стандардите на земјата во која се извезува.

Во овој процес преку промоција и поддршка на извозот како секундарна дејност Агенцијата игра активна улога преку низа активности во насока на потребите и барањата на бизнис секторот и стопанството. За таа цел сме во постојана соработка со стопанските комори, бизнис асоцијации, трговски здруженија, кластери, како и со поддршка на нашите долгогодишни партнери SIPPO (Swiss Import Promotion Programme) и IME ( Increasing Market Employability Programme). 

Агенцијата нуди поддршка за настап на меѓународни трговски саеми по принципот на заеднички штанд и поддршка во креирање промотивни материјали, каталози и други маркетинг материјали.Организираме учество на меѓународни саеми и настани каде одблиску ги презентираме можностите на македонската економија и ги промовираме извозните капацитети на земјата.

Успешен влез на странскиот пазар значи активна промоцијата, што се постигнува преку учество на саеми, Б2Б средби и конференции, генерирање лидови и претставуваат одлична можност да се запознаат потенцијалните клиенти и потрошувачи“, вели Абдија.

Агенцијата посветено работи на давање поддршка за организирање на купувачки мисии со земји кои се идентификувани како стратешки пазари, како и продлабочување на соработката со кластерите, стопанските комори и компаниите се со цел да се поддржи поголема промоција на македонските производи на таргетираните саеми, да се прошири бројот на меѓународни саеми и бројот на извозни компании кои ќе бидат поддржани.

Фотографија од Annual Investment Meeting (AIM) во Абу Даби

Само што се вративте од Годишниот состанок на инвеститори од Абу Даби. Каков е овој состанок? Зошто и кој треба да биде учесник?

-Годишниот инвестициски состанок или Annual Investment Meeting  е водечка инвестициска конференција која ги обединува инвеститорите, претпримачите и владините сектори, целосно посветен на раст на светската економија преку зајакнување на ефективни стратегии за промоција и олеснување на можностите за економски развој.

Овогодинешната едиција на Годишниот инвестициски состанок се реализираше под мотото ”Промена на инвестициската парадигма: Идни инвестициски можности за поттикнување одржлив економски раст, различност и просперитет”.

Annual Investment Meeting (AIM) во Абу Даби

Глобалниот настан беше сведок на извонредна посетеност на огромен број владини министри, носители на одлуки и индустриски лидери од различни земји ширум светот, како и инвеститори – високи претставници на мултинационални и големи компании, старт-апи, мали и средни претпријатија од над 170 земји во светот, истакна Абдија.

Annual Investment Meeting (AIM) во Абу Даби

-Како директор на Агенцијата за странски инвестциии со кои компании остваривте контакт? Имаше ли интерес?

-Зајакнувањето на економската соработка со ОАЕ во насока на детектирање и конкретизирање на сите можности за инвестиции во двете земји, зголемување на трговската размена, развој на туризмот, иновациите и технолошкиот развој беа во фокус на средбите и состаноците при посетата на Абу Даби, вели директорот на Агенцијата за странски инвестиции кој за време на тридневниот настан во рамки на Годишниот инвестициски состанок кој се одржа во Абу Даби се сретнал со значајни лидери од индустриите, експерти за финансии и успешни инвеститори од целиот свет.

Средба со директорот на Магна инвестмент од Абу Даби

-Состанокот со претставници на Стопанската комора на Абу Даби беше одлична можност за  истакната потребата за продлабочување на соработката во различни сегменти како инфраструктура, туризам, енергетика. Исто така, во рамки на мојот престој во Абу Даби остварив средба со директорот на Магна инвестмент од Абу Даби, инвестициска компанија која работи на меѓународно ниво и е специјализирана во областа на странски инвестции и развој на големи проекти. Едногласно заклучивме дека постојат големи неискористени капацитети меѓу двете земји, особено во делот на инвестициите во секторот на туризмот и во енергетиката, со посебен акцент на обновлива енергија (ветерници, сончева енергија и хидроцентрали). Како резултат на успешната презентација од средбата произлегоа конретни планови кои во следните месеци ќе имаат своја реализација, најави Абдија.

Превземено од бриф.мк