Индиски политичар кој пиел вода од загадена „света река“ за да докаже дека таа е чиста, наводно, потоа е згрижен в болница.

Имено, првиот министер на покраината Пенџаб – Багвант Ман се напил од реката Кали Беин, два дена пред да побара лекарска помош. Тој бил примен во болница во сојузната област Делхи, претходно оваа недела, поради болки во стомакот, пренесува „Индија експрес“.

Ашок Свајн, професор по истражување за мир и конфликт на Универзитетот во Упсала, објави и видео од мигот кога министерот пие вода од реката.

„Првиот министер на Пенџаб отворено пие чаша загадена вода од ’светата река‘ за да покаже дека водата е чиста. Сега е примен во болница“, напиша тој.

Кабинетот на Ман ги отфрли овие наводи, нагласувајќи дека тој е во добра здравствена состојба и редовно оди на состаноци.

Кали Беин е исклучително важна река за верниците на религијата Сик-дарма. Овој инцидент се случи на 22-годишнината од операцијата за чистење на реката почната 2000 година, а Ман пиел за да го докаже успехот на долгорочниот потфат. До пред неколку десетлетија, канализацијата и индустрискиот отпад отворено течеа во Кали Беин, додека плевел виреел на бреговите. Иако реката сега е многу почиста отколку што била, сѐ уште не се препорачува пиење вода од неа.