Американскиот милијардер Илон Маск изјави дека вистинската закана за демократијата ја претставуваат оние кои за такво нешто го обвинуваат поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните избори, Доналд Трамп.
Маск одговараше на прашања на учесниците на предизборниот митинг за поддршка на Трамп во сојузната држава Пенсилванија. Маск јавно ја поддржа кандидатурата на Трамп и донираше 75 милиони долари за неговата кампања.
Потсетувајќи го на немирите во американскиот Конгрес на 6 јануари 2021 година, еден од учесниците на состанокот го праша Маск што мисли за реториката на некои демократи и аналитичари дека американската демократија ќе биде во опасност доколку Трамп повторно се врати.
Маск рече дека вистинската закана за демократијата се оние кои велат дека изборот на Трамп е закана за демократијата.
„За време на тие настани Трамп се јави и бараше ненасилство и мирни протести“, го бранеше Маск.