Претседателот на Алијанса за Иднината на Косово, Рамуш Харадинај, по средбата со премиерот на Косово, Албин Курти изјави дека разговарале за содржината на потенцијалниот договор со Србија. Тој рече дека финализирањето на овој процес треба да се направи со печат на САД и дека договорот ќе мора да биде потпишан во Вашингтон. Харадинај повика на сериозен пристап во оваа фаза од дијалогот.

„Разговаравме за процесот и за самиот договор, разговаравме за предизвиците што ги има Косово во овој процес. Можам да кажам дека тоа беше значајна средба, бидејќи разговаравме за содржината на потенцијалниот договор помеѓу Косово и Србија. Треба да го има американскиот печат, а не само поддршката од Америка. За овој процес да биде целосно загарантиран, мора да биде потпишан на исто американско ниво“, рече Харадинај.

Харадинај не одговори дали на средбата се разговарало за таканаречениот француско-германски предлог, кој може да биде нова рамка за дијалогот и за постигнување правно обврзувачки договор за нормализација на односите.

Од друга страна, Александар Вучиќ изјави дека Србија не ги отфрла преговорите со Косово, но дека тоа што го видел од француско-германскиот предлог е „многу тешко за Србија“.

„Ако требаше да донесам одлука во овој момент… не ни дадоа шанса. Се надевам во следниот документ, барем ќе ни дадат шанса“, рече Вучиќ.

Вучиќ не појасни каков документ се очекува. Тој додаде дека се надева оти верзијата што ќе ја добие од земјите на групата Квинт ќе биде различна од онаа објавена во медиумите во Косово. За време на престојот во Косово, специјалниот пратеник на Вашингтон Габриел Ескобар изјави дека двете земји се блиску до договор, нагласувајќи дека од европските колеги слушнал дека се работи за „недели, а не за години“. Коментирајќи ја оваа изјава, Вучиќ рече дека тоа го слушнал во многу разговори, но дека не мисли дека е реално, бидејќи, според него, Приштина мора да го исполни она што е предвидено со Бриселскиот договор: да формира Асоцијација на општини со српско мнозинство. За оваа асоцијација Косово и Србија постигнаа договор уште во 2013 година, во рамките на дијалогот за нормализација на односите.

Сепак, Уставниот суд на Косово, на крајот на 2015 година, утврди дека некои заклучоци се во спротивност со законите на Косово, но и дека можат да се усогласат преку статут. Властите во Косово велат дека асоцијација со извршни овластувања би било штетно за земјата. Во Косово велат дека конечниот договор со Србија ќе мора да вклучува и меѓусебно признавање, но во Србија засега се противат на такво нешто.

Шкелзен Аќифи