Не постојат знаци за масовна вакцинација за заштита од мајмунските сипаници, поради епидемиолошките и клиничките карактеристики на болеста, соопштија од Националната комисија за имунизација при Министерството за здравство на Грција по одржаниот состанок, јави дописничката на МИА од Атина.

Посочуваат дека не постои специјална вакцина за конкретната болест, но „вакцината за сипаници се очекува да обезбеди заштита“ и додаваат дека Европската агенција за лекови ја лиценцираше модифицираната вакцина против сипаници (Imvanex), која може да се дава во две дози, во период од четири седмици за лицата над 18-годишна возраст.

Објаснуваат дека вакцинацијата може да се направи селективно, односно во неколку конкретни случаи, како што се: по близок контакт со случај, како и за медицински персонал и превентивно кај луѓе кои работат во области со зголемен професионален ризик од изложеност на вирусот, како на пример лабораториите.

– Националната комисија за имунизација оценува дека со досегашните податоци, опасноста од мајмунските сипаници за општата популација во нашата земја е многу мала, пишува во соопштението.

Во Грција засега не е регистриран случај на мајмунски сипаници, а за време на викендот, британски турист се водеше како прв сомнителен случај, но по испитувањата се покажа дека има варичела.