Еден ден по сајбер нападот од Иран, делумно се врати во функција системот за регистрирање влез и излез на граничните премини во Албанија. Системот ТИМС се врати на аеродромот во Тирана и на 5 други гранични премини. Албанскиот министер за внатрешни работи Бледи Чучи рече дека се очекува наскоро проблемот да се реши на сите гранични премини.

Според премиерот Еди Рама, нема истекување или исчезнување на податоци од системот на државната полиција.

„Системите за гранични премини од утрово се во функција. И покрај горкото чувство што го создава навлегувањето во овие системи, исто како кога некој ќе влезе во некоја куќа и  краде, факт е дека агресијата  не ја постигнал целта, нема исчезнување или сериозно протекување на податоци“, напиша Рама на социјалните мрежи.

Соединетите Американски Држави реагираа на сајбер нападот во Албанија. Советот за национална безбедност во Белата куќа преку објава на Твитер изрази поддршка на Албанија во напорите за враќање на системот во нормала.

„САД го осудуваат сајбер нападот на 9 септември против нашиот сојузник во НАТО, Албанија. Оваа злонамерна активност против Албанија доаѓа по сајбер нападот на 15 јули извршен од владата на Иран. Владата на САД ги поддржува напорите на Албанија за ублажување на последиците од нападот и враќање на системот“, се вели во соопштението.

На 15 јули, Албанија беше цел на масовен сајбер напад кој со недели блкираше владини веб-страници. Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран на 7 септември, со образложение дека истрагите покажале дека сајбер нападите во јули биле извршени од Иран како „држава агресор“. Иран ги отфрли обвинувањата дека стои зад сајбер нападите. Сепак и НАТО потврди дека зад тој напад стои Иран./Alsat.mk