Германската полиција денеска наутро извршила повеќе претреси против група осомничена за шверц на луѓе, јавува германската новинска агенција ДПА.
Во акцијата учествувале околу 400 полицајци, меѓу кои и припадници на федералната полиција и специјалните единици ГСГ 9. Биле извршени претреси во повеќе од 20 стана и канцеларии, главно во Берлин, но и во источната покраина Саксонија-Анхалт.
Како што се соопштува, уапсени се пет мажи, од кои четворица во Берлин и еден во градот Хале, а уште 12 лица се под истрага, јавува агенцијата, а пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
Според извештаите, групата е осомничена дека во Германија префрлила најмалку 90 луѓе, главно од Турција и Ирак, од кои секој платил по неколку илјади евра.
Луѓето, како што се наведува, со авион биле префрлени во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, од каде што продолжувале со патувањето со автомобил по т.н. балканска маршрута.
Дел од нив биле откриени во становите во полицијата денеска наутро извршила претреси.
Што се однесува до осомничените, според полицијата, тие имале претежно турско и германско државјанство.