Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт поднесе оставка по критиките за одговорот на Германија на руско-украинската војна.
Како што јавуваат агенциите, министерката во изјавата побарала од канцеларот Олаф Шолц (СПД) да ја разреши од оваа функција. Овој потег доаѓа по многу критикуваната новогодишна порака што таа ја објави на социјалните мрежи.
Во изјавата таа вели дека поради конфликтот во Украина имала „многу посебни искуства“ и дека војната ѝ дала можност за „многу средби со големи и интересни луѓе“. Германскиот дневен весник „Тагесшпигел“ напиша жесток коментар со наслов „Ламбрехт повеќе не може да биде министер“, наведувајќи дека за време на својот говор политичарката ја прикажала војната како „возбудливо професионално искуство“.
Германскиот „Билд“ за нејзиниот говор напиша дека нејзината порака ја посрамоти Германија. „Тагесшпигел“ изјави дека ова обраќање, ако се погледне контекстот на војната во Украина, е „непримерно и срамно“.