Во првите шест месеци од годинава 161 компанија ги прекршила правилата за евиденција на вработените на работното место. Податоците до кои дојде Алсат велат дека државните инспектори за труд утврдиле неправилности во делот на Законот за работни односи и тоа кај 118 компании кои не воделе евиденција за полно работно време за своите вработени.

Advertisements

Дополнително, санкционирани се 27 работодавачи кои имаат вработено над 25 лица, а не водат електронско евидентирање на полно работно време, ниту пак им се пресметувала прекувремена работа на работниците. Инспекторите напишале пријави и за 16 газди кои се должни да водат евидентен лист за присуство на работа на работниците со наведување на податоци за почетокот и завршетокот на работното време, но тоа не го правеле.

„Државниот инспекторат за труд од областа на работните односи во период од јануари – јуни 2021година изврши вкупно 8.267 инспекциски надзори“, наведуваат од Државниот инспекторат за труд.

Информациите од синдикатот велат дека најголем дел од поплаките кои стасуваат до нив за злоупотреби на работната сила во делот на пријавувањето се вработени во туристичко-угостителскиот сектор. Најчесто вработените се жалат дека се пријавени на пола работно време, а работодавачите им наложуваат да работат и над осум часа дневно. Заклучно со јуни до синдикатот се пристигнати 500 пријави од работници кои се жалат за прекршување на нивните права, односно работат непријавени.

„Работниците од угостителството и туризмот најчесто се жалат дека работат непријавени, имаме случаи каде што работат и малолетни лица за кои нема констатирано никаков работен однос. Не може да се очекува дека ако не ги пријавуваат работниците, особено на неопределено работно време, а не на определено работно време, ако не, не им плаќаат како што треба согласно законите на државата, дека тие работници ќе им бидат лојални“, рече Слободан Трендафилов Сојуз на синдикати на Македонија.

Од Туристичко угостителската комора велат дека потребни се мали промени во законските регулативи во однос на функционирањето на компаниите за да нема кршење на правилата. Секако тие ги осудуваат работодавачите кои не работат спротивно законот.

„Современите услови и трендови на пазарот на трудот налагаат и промени на регулативата, за да може да се обезбедат најдобри услови за работа како за работникот така и за работодавецот. Како пример за овие системски проблеми го посочуваме тоа што за да може да се регулира дополнително вработувањето на лица кое веќе е вработено треба да се обезбеди согласност од првиот работодавец, а и можноста за дополнителна работа е ограничена на 10 часа неделно. Сметаме дека ваквите ограничувачки елементи треба да се отстранат“, велат од Туристичко угостителска комора при ССК.

А, токму први на удар од последиците од пандемијата доживеаја вработените и компаниите од туристичко угостителскиот сектор. Вратите на овие компании беа први под клуч, а во неизвесност беше судбината на илјадници граѓани вработени во оваа дејност.

Иле Петревски