Претседателот на ФИА, Мохамед бин Сулајем изјави дека во Формула 1 има место за 12 тимови, односно за 24 возачи на патеката. Во последните недели се појави приказната за заедничката кандидатура на Мајкл Андрети и Кадилак, а Бин Сулајем јасно им стави до знаење на претставниците на седмата сила дека ФИА е отворена за сите кандидати кои ги поседуваат потребните квалитети.
„Генерално, ако сакаме Формула 1 да има модел на одржлив развој, тогаш првенството мора да се отвори и за други брендови. На гридот може да има до 12 екипи“, објасни првиот човек на ФИА.
Нормално, тоа ќе предизвика уште поостра реакција кај тимовите кои веќе се вклучени во Формула 1, но јасно е дека ФИА е подготвена да влезе во решавачка битка за контрола на спортот.
„Еден производител на автомобили ќе помогне Формула 1 да стане подобар шампионат и не гледам причина да не ги пречекувам новите тимови, особено кога станува збор за Американците“, потсети Бин Сулејем за кандидатурата на Андрети-Кадилак.
„Имаме три трки во САД оваа година. Би ги поздравиле сите предлози за пополнување нови позиции. Прифаќаме добри тимови, дури и да се мали, како што беше случајот со Хас. Се надеваме дека работите ќе се сменат и ќе имаме сериозен 11. тим во Формула 1, ќе видиме што ќе се случи,“ изјави Бин Сулејем.
Тој веќе објасни дека очекува пријави од оние кои сакаат да учествуваат во Формула 1 и прецизираше дека нивното разгледување ќе трае неколку месеци, бидејќи се работи за тимови кои ќе влезат во Формула 1 во 2026 година./Makfax/