Серхио Перез победи на трката за Големата награда на Сингапур која се возеше викендов. На мократа патека, Мексиканецот уште на стартот го зазеде водството и успеа да го издржи налетот на Шарл Леклер кој заврши како втор.

Сепак, по трката Перез доби казна од пет секунди поради прекршоци за време на возење зад безбедносно возило. Возачот на Ред Бул не го испочитува растојанието од десет болиди меѓу себе и возилото за безбедност, па заработи санкција. Бидејќи ја заврши трката со 7,5 секунди подобро време од Леклер, казната не донесе промени.

Оваа одлука ја прокоментира Матија Биното. Шефот на Ферари е незадоволен, бидејќи смета дека доколку истата била донесена за време на трката, можел да се промени исходот.

„Во два различни наврати, со две безбедносни возила, Перез ја направи истата грешка. За сличен случај во 2019 година Џовинаци беше казнет со пет секунди повеќе, мислам дека требаше за време на трката да се додели санкција од пет, десет секунди или да мине низ пит просторот.

Жалиме што одлуката не дојде за време на трката, бидејќи тоа можеше да влијае на конечниот исход. Веројатно стјуардите сакаа повеќе време за да добијат објаснување од возачот и тимот, можеби не сакаа да избрзаат со одлуката и да погрешат“, кажа Биното.

Трката во Сингапур веќе е зад нас, возачите се упатуваат кон Јапонија и втората утринска трка сезонава (според европско време). Перез со победата се приближи на само два бода зад Леклер, па до крајот се очекува битка за оваа позиција на ранкингот./Gol.mk/