Египет денеска е домаќин на израелски и палестински претставници во одморалиштето Шарм ел Шеик во напорите поддржани од САД и Јордан да го смират бранот насилства на Западниот Брег во пресрет на муслиманскиот свет месец Рамазан.
Состанокот уследи по самитот во Јордан на 26 февруари, со посредство на САД, прв од ваков вид во последните години, каде Израел и Палестина ветија дека ќе ја смират ситуацијата, но поради фракциите на двете страни насилството не е спречено.
Целта на средбата во Шарм ел Шеик е „да се поддржи дијалогот меѓу палестинската и израелската страна со цел да се запрат едностраните акции и ескалацијата, да се прекине постоечкиот циклус на насилство и да се постигне мир“, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.
„Тоа би можело да го олесни создавањето атмосфера погодна за продолжување на мировниот процес“, се додава во соопштението.
Палестинците имаат намера да основаат независна држава на Западниот Брег и Појасот Газа со источен Ерусалим како главен град – територии заземени од Израел во војната во 1967 година.
Но, мировните преговори се во застој од 2014 година и Палестинците велат дека проширувањето на еврејските населби ги поткопа изгледите за одржлива држава.
Муслиманскиот пост Рамазан започнува на крајот на март.
Претходните години имаше судири меѓу израелската полиција и Палестинците во близина на џамијата Ал Акса во Ерусалим токму на Рамазан, кој оваа година се совпаѓа со еврејскиот Песах и христијанскиот Велигден.