Нема неуспешност за руската хибридна закана, затоа што, што и да постигнат тоа е добро. Макар и со минимален успех, таа носи некаков профит. Ова го изјави новинарот и граѓански активист Џабир Дерала во емисијата „Интервју на Шења“ со водител Насер Селмани.
Дерала додаде дека дури неуспешната провокација во Косово, ќе ги наруши балансот и динамиката на српско-косовските односи.
„Што значи тоа, дека понатаму се очекуваат тензии во српско-косовските односи, без оглед на тоа, дали сега Србија ќе трпи санкции, како што претходно беа заканети санкции против власта на Курти, односно Косово. Тоа нема врска, важно е да има некаква тензија. Тоа е профитот на руската хибридна закана. Да се обиде со што е можно помалку средства, на што е можно подолг рок, да влијае на нарушување на довербата на граѓаните и граѓанките во институциите и на создавање тензии меѓу различни заедници или меѓу различни држави каков што е сега случајот со Србија и Косово. Тоа е суштината на стратегијата на руската пропаганда и на хибридната закана“, истакна Дерала, во интервјуто за тв Шења.
Во однос на нападот на српските вооружени лица во Косово во кој беше убиен еден косовски полицаец, Дерала е дециден дека ваква операција не може да се случи без Вучиќ да замижал и „под носот“ на цела една држава.