Дел од албанските партии ќе одат на средбата во Тирана
Дел од албанските партии во земјава потврдија дека ќе одат на средбата во Тирана која, како што објавија медиумите, ја организира албанскиот премиер Еди Рама.
Од „Алтернатива“, „Алијанса за Албанците“ и од „Беса“ за МИА изјавија дека добиле покана за средба и дека ќе одат, но не прецизираа детали. МИА побара одговор и од ДУИ, но оттаму досега нема одговор.
– Исто како што сме одговориле позитивно на сите покани за средби, и во овој случај ја потврдуваме поканата, како и нашето присуство на вечерата организирана од премиерот Еди Рама, изјавија за МИА од Алијанса за Албанците.
Од „Алтернатива“ потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не се знае за што ќе се разговара.
И од „Беса“ за МИА потврдија дека е добиена покана за средба од страна на Рама, но нема детали дали некој од партијата ќе присуствува на средбата.
„Алмакос“ објави вчера дека Рама ги поканил лидерите на политичките партии на Албанците од земјава на неформална средба во вторник. Поканети се лидерот на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.