Основниот принцип за сeкој што сака да ослабне гласи: јади помалку! Веднаш зад ова правило стои уште едно – внимавај ШТО јадеш! Правилото број три е – НЕ ВЕРУВАЈ во бајки. Нема волшебно стапче што ќе го реши проблемот со дебелината за многу кратко време, здраво и трајно.

Но, дали билките можат да помогнат во процесот на слабеење?

Ефедра

Постојат многу малку билки кои навистина го намалуваат апетитот и помагаат во губењето маснотии. Такво растение е ефедра (Ephedra sinensis), кое со векови се користи во народната медицина. Од Кина, каде е наречена ма хуанг, се проширила низ цела планета. Од ова растение, фармацевтската индустрија го доби ефедринот, кој има многу важна улога во третманот на астма и некои проблеми со срцето. Ефедра е исто така многу ефикасна кога станува збор за забрзување на процесот на слабеење затоа што успева да го промени процесот во користење на калориите што ги внесуваме со храна. Односно, наместо да се претвораат во масни наслаги, калориите што во моментот не ни се потребни, се користат за зголемување на телесната температура. Сепак, употребата на ефедра, како и скоро на сите алкални растенија, е строго контролирана и во никој случај не се препорачува да ја користите самостојно и без медицински надзор. Ова особено важи за луѓето кои имаат висок крвен притисок и забрзан пулс, бидејќи може да дојде до срцев удар.

Гуарана

Во друга група на билки кои помагаат при слабеењето е гуараната. Ова растение доаѓа од бразилската прашума и е многу богато со кофеин, но за разлика од кафето или чајот, кофеинот е толку интегриран со другите состојки во гуараната што не го забрзува пулсот и не влијае на крвниот притисок, па затоа употребата на ова растение е подобра и побезбедна. Гуараната го намалува апетитот. Со векови, ова растение се користи од племињата на Амазонија за да се намали чувството на глад. Се разбира, домородците не сакаа да ослабнат, но тие немаат секогаш доволно храна. Употребата на гуараната, исто така, мора да биде исклучително под стручен и лекарски надзор. Сепак, избегнувајте конзумирање на енергетски пијалоци кои содржат екстракт од гуарана во желба да изгубите тежина, бидејќи ќе го постигнете спротивното. Овие пијалоци се полни со шеќер и вештачки адитиви кои само ќе ве здебелат.

гуарана, фото профимедиа

Кока, се разбира, не се препорачува

Растението кока исто така спаѓа во групата растенија кои го намалуваат апетитот. Лисјата на ова растение со векови ги џвакале Индијанците, бидејќи потоа не морале да јадат и да спијат со денови. Секако, употребата на кока во никој случај не се препорачува, а и голема е можноста да завршите во затвор доколку полицијата го најде ова растение во вашата домашна аптека бидејќи е забрането за употреба. Па така, веројатно ќе изгубите тежина од затворската кујна, но сигурно не е диета за која повеќето доброволно би се одлучиле.

Постојат и помалку егзотични растенија што ни се на располагање кои го регулираат апетитот, варењето на храната и поттикнуваат исфрлање на водата од телото. Лаксативни билки, кои особено се препорачуваат за луѓе кои страдаат од хроничен запек,  се лененото семе, крушината и глуварчето.

Крушината е особено корисна за подобро варење на храната, го забрзува метаболизмот – а со тоа и процесот на слабеење, и се препорачува кај луѓе кои имаат запек. Чајот од крушина е најделотворен, но сепак, не треба да го пијат трудници како ни деца помлади од 12 години. Не смее да се употребува ни при стомачни болки со непознато потекло, при менструација, како ни од луѓе кои болуваат од чир на желудник.

жолт хибискус, фото профимедиа

Хибискусoт е одличен извор на витамин Ц и на флавоноиди кои помагаат во детоксикација на организмот. Чајот од хибискус е диуретик, затоа го намалува чувството на надуеност, а дополнителен плус е и фактот што ја намалува апсорпцијата на маснотии и шеќер.