Од почетокот на пандемијава сите сме опседнати со потребата за „подобрување на својот имунитет”. За таа цел како главно оружје е зголемениот внес на суплементи, односно витамини и минерали, пишува професорот Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија на својот фејсбук-профил.

Цинкот како микроелемент неопходен за преку 300 ензимски процеси во организмот, е еден од најчесто користените суплементи во изминатата година. Максималните дозволени дневни дози одат до 40мг, а вообичаено најголем дел од нас внесуваат таблети од 15 мг, со што сме убедени дека нема да настане предозирање, односно труење со цинк. Тоа што го забораваме, а за жал и голем дел од моите колеги забораваат да Ви го кажат е да го вкалкулирате и внесот на цинк преку храната, појаснува тој.

Според Беќаровски малкумина знаат дека 100 грама црвено месо задоволува 44% од дневните потреби на цинк. 100 грама морски плодови, ракчиња, школки, остриги може да задоволат 130-430% од дневните потреби, 100 грама леблебија, леќа, грав, грашок ќе задоволат третина од Вашите дневни потреби, а 100 грама семки од тиква, ленено семе, различни јатки ги задоволуваат во целост Вашите дневни потреби од овој есенцијален микроелемент. САМО 3 жолчки од јајца комплетно ги задоволуваат дневните потреби.

Токму поради сето горе напишано и големата хронична употреба на суплементи од цинк може да дојде до предозираност односно труење со цинк.Веднаш да напоменам дека при внес само на храна не може да дојде до предозираност со цинк, без оглед на внесената количина, бидејќи организмот има создадено механизми за отстранување на евентуалниот вишок. Исклучок е внесот на школки, каде се опишани труења со цинк при екстензивен внес. Сите труења со цинк се поврзани со внес на суплементи и храна, пишува Беќаровски.

Според Беќаровски знаците за предозираност со цинк се мачнина, гадење, повраќање, течни столици, замор, малаксалост, субфебрилни температури, главоболка, метален вкус во устата, сува кашлица. При подолготрајна предозираност, може да доведат и до сидеропенична анемија, намалување на добриот холестерол (HDL) и супримираност на имунитетот.

Наједноставен начин да ја спречиме оваа појава е деновите, кога имате доволен внес на храна богата со цинк, заборавете го апчето, пишува Беќаровски.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.