Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов ќе биде дел од националниот тим во квалификацискиот натпревар против Малта кон патот на ЕП 2024, како и контролниот дуел против Фарски Острови.
Крилото на Барнли се врати во составот на тимот од Чемпионшип по повредата и ќе биде дел од репрезентацијата. Чурлинов истакна дека е среќен затоа што пак е меѓу „црвено-жолтите“ и сака да го покаже најдоброто во дресот на Македонија.
„Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација. Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреварувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат. Јас ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. Речиси секојдневно сме во контакт со репрезентативните колеги и можам да потврдам дека го делиме истото чувство”, изјави Чурлинов.
Фудбалерот истакна дека стартот против Малта е многу важен и ќе мора да се оправда фаворитската улога на терен.
“За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат. Ќе дадеме се од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“, заврши Чурлинов.
Натпреварот меѓу Македонија и Малта се игра на 23 март, со почеток од 20:45 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје./Gol.mk/