Чешката влада одлучи повторно да ги воведе граничните контроли со Словачка поради новиот миграциски бран. Мерката стапи денеска на 27 гранични премини меѓу две земји од ЕУ кои припаѓаат на европската Шенген зона, каде што е можно безвизно патување и ќе трае најмалку 10 дена. Вкупно 560 полицајци и цариници ќе бидат распоредени за вршење на проверки. На границата долга 251 километар, преминувањето ќе биде дозволено само на тие контролни пунктови. Ослободени се земјоделците, шумарите и рибарите кои работат во пограничните области.
Чешкото МВР соопшти дека оваа мерка е неопходна бидејќи властите годинава на чешка територија привеле речиси 12.000 илегални мигранти, од кои повеќето од Сирија. Тоа е повеќе отколку за време на огромниот мигрантски бран во Европа во 2015 година. Годинава се уапсени вкупно 125 шверцери на луѓе, што е значително зголемување во однос на претходните години. Министерството наведува дека бегалците ја користат Чешка како транзитна земја на пат кон Запад. Словачката влада соопшти дека ја прифатила чешката одлука, но дека сака да разговара за ова прашање на ниво на ЕУ. И Австрија воведе проверки на границата со Словачка од полноќ. Портпаролот на министерството рече дека потегот е одговор на чешкиот потег.