На глобалните пазари, цените на нафтата паднаа за повеќе од 11 отсто минатата недела, спуштајќи се на најниските нивоа оваа година, бидејќи трговците стравуваат од рецесија и со тоа слабеење на побарувачката за „црното злато“. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела потона за 11,1 отсто, на 76,10 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 11,2 отсто, на 71,02 долари.
На самиот почеток на минатата недела цените на нафтата пораснаа бидејќи стапи на сила ембаргото на Европската Унија за руската нафта испорачана со бродови. Дополнително, Унијата заедно со членките на Г7 постави граница на цената на руската нафта, 60 долари, со цел да се намалат руските приходи од продажбата на нафта.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници, вклучително и Русија, на редовната седница ја потврдија одлуката за намалување на производството за два милиони барели дневно. Сето ова ги поддржа цените на „црното злато“. Сепак, од средината на неделата, цените на нафтата беа под притисок по слабите економски показатели од САД, Кина и Европа.