Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го инцидентот во Охрид кажа дека не оправдува насилство од било каков тип и ќе се спротивстави и на провокации кои доаѓаат од дома или надвор. Тој рече граѓаните да останат мирни и разумни, но не и наивни. Според Ковачевски, сево ова што се случува е одвлекување на вниманието од европската иднина на земјата.

„Најважно е тие што ги иницирале настаните од минатата недела и настаните коишто претходеа претходно, не сакаат да ја видат Македонија во Европската унија“, рече Ковачевски.

Ковачевски побара и од опозицијата да се преиспита.

„Нивни членови и симпатизерите коишто доаѓаат од нивни редови се споменуваат дека се поврзани со настаните коишто се случија минатиот викенд и настаните коишто се случуваа претходно и затоа велам дека преку вакви активности нашата најголема опозициска партија се повеќе наликува на продолжена рака на Левица“, додава Ковачевски.

Премиерот оцени дека случајот со физичкиот напад над секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, наскоро ќе биде расчистен.

Во меѓувреме, поради инцидентот во Охрид, палењето на бугарскиот клуб во Битола „Иван Михајлов“ и нападот над клубот во Охрид „Цар Борис III“, во Софија е повикан на консултации бугарскиот амбасадор во земјава, Ангел Ангелов.

„Причината за неговото привремено враќање во државата е сериозната ситуација во однос на правата на Бугарите во Северна Македонија и ескалацијата на актите и делата од омраза против нив во последните неколку месеци“, велат од бугарското МНР.

Од бугарското МНР наведуваат дека целта на консултациите е да се запре, како што велат, опасниот тренд на зголемен притисок врз државјаните на земјава со бугарска самосвест. Бугарското Собрание пак, за утре свика и вонредна седница на која, меѓу другото, ќе се сослуша и техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков за нападите над Бугари во Македонија.

Лука Андреев