Посакуваме деескалација и дијалог, рече бугарскиот шеф на дипломатијата Николај Милков, прашан за билатералните односи со Македонија. Во оваа насока, како што најави Милков, ќе биде и телефонскиот разговор меѓу премиерите од двете земји, Димитар Ковачевски и Галаб Донев.
„Еден од елементите во овој разговор ќе биде секако безбедноста, како генерално на Бугарите таму, така и во однос на она што претстои да се случи на 4-ти февруари“, рече Милков.
Милков рече дека бугарското МНР ќе испрати нота до Скопје, во која ќе бара институциите да овозможат чествување, но и да гарантираат безбедност, за сите Бугари кои на 4-ти февруари ќе се поклонат пред гробот на Гоце Делчев. Ова следува откако на социјалните мрежи во земјава беа најавени блокирање на патишта, со цел да се спречи најавената посета на бугарски десничари на гробот на Делчев. Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во интервју повика на смиреност и воздржаност, додавајќи граѓаните да не ги блокираат патиштата.
Инаку, како што додаде Милков на брифингот, бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов може да се врати во земјава и веднаш, по разговорот Ковачевски-Донев.
„Тој би можел да се врати ако се создадат услови за тоа, односно ако започне дијалог на високо ниво, во кој тој би требало да учествува, односно ако се организираат посети и разговори“, рече Милков.
Од бугарското МНР повторија дека процесот на деескалација, којшто го очекуваат, треба да резултира со почитување на правата на Бугарите во Македонија.
Лука Андреев