Привршува комисиската расправа по предлог ребалансот на буџетот. До крајот на оваа недела се очекува предлог законот да се најде на пленарна седница на усвојување. Денеска пратениците во комисијата почнаа да расправаат по 222 амандмани поднесени од опозициските партии откако претходните пет дена расправаа за предложениот ребаланс. Земјоделските субвенции беа тема на дебата на денешната комисија.

Advertisements

„Навистина е дегутантно веќе по осми пат да поднесуваме ист амандман за интервентен план во земјоделието и истиот да ни се одбива со некакви образложенија дека се даваат некакви повеќе финансиски средства во однос на субвенциите. Ова е уште еден доказ дека оваа Влада на сите избори од 2016 до сега работи со континуирани измами. За жал ова ветување е давано на земјоделците како новина, истата таа новина ја прифативме и уште во 2016 година такво нешто нема“, рече Благица Ласовска- Пратеничка на ВМРО- ДПМНЕ.

За власта амандманот за создавање на интервентен фонд вреден 300 милиони денари не е прифатлив бидејќи со ребалансот се проектирани рекордни пари за земјоделство

„Ако ги погледенме само субвенциите во земјоделството и во руралниот развој оваа година иако еден квартал е кризна и е пост кризна година ние со реалокацијата направени во овој предлог ребаланс доаѓаме на ниво од 8,5 милијарди денари средства за субвенции и за рурален развој што практично е на ниво на годините кога најмногу се инвестирало во земјоделство“, рече Димитар Ковачевски- Заменик министер за финансии.

Со ребалансот се планира државата да потроши дополнителни триста милиони евра од првично планираниот буџет со што расходната страна ќе изнесува 4,3 милијарди евра. Во буџетската каса се планира да се соберат 3,6 милијарди евра. Буџетскиот дефицит ќе се продлабочи за дополнителни 180 милиони евра и до крајот на годинава се планира да досигне 6.5 отсто од БДП.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе