Бугарската полиција ги откри напаѓачите на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград. Како што пишуваат локалните медиуми, станува збор за четири лица на 40-годишна возраст. Двајца од нив се вработени во секторот „Зеленило“ во општина Благоевград, а нападот во саботата вечер го извршиле заедно со своите сопруги.
Во полиција, тие го признале делото и истакнале дека биле револтирани од начинот на кој на македонската граница биле задржани Бугарите кои сакале да заминат во Скопје на чествувањето на денот на раѓањето на Гоце Делчев. Од полицијата во Благоевград истакнаа дека на лицата ќе им биде покренато обвинение за хулиганство. Од друга страна, градоначалникот Илко Стојанов реши да не ги казни своите вработени.
„Кога во Северна Македонија ќе ги казнат цариниците, граничните полицајци и сите службеници што го предизвикаа хаосот на границата на денот на чествувањето на Гоце Делчев и кога ќе ги отпуштат тие службеници, јас веднаш ќе ги отпуштам моите вработени и ќе има реципроцитет во казните“, рече Стојанов.