Австрискиот канцелар Себастијан Курц денес објави дека ублажувањето на епидемиолошките мерки во целата земја ќе следи од 19 мај.

– Среќен сум што предвидувањата се остварија. Можеме да се вратиме во нормала до лето. Се наоѓаме на последните метри од пандемијата – потенцира Курц на прес-конференцијата, пренесува Танјуг.

Тој најави дека мерките ќе бидат релаксирани од 19 мај, а со тоа и отворање на угостителски објекти, спорт, туризам … Во врска со ова, тој истакна дека граѓаните ќе го користат таканаречениот „зелен пасош“, доказ за прележан коронавирус, тестирање или вакцинација, за пристап до овие установи.

Тој посочи дека, иако сегашната состојба изгледа добро, таа ќе продолжи да се следи со цел навремено да се реагира во случај на влошување. Училиштата ќе започнат нормално да работат од 26 април, ученици од основните училишта секој ден, и постари лица во смени.