На првиот ден од 2021 година, од последици од коронавирусот, си замина виолинистот, музички виртуоз и професор Зоран Џорлев.

Јавноста остана шокирана од тажната веста, а Џорлев нè напушти премногу рано, на 53 годишна возраст.

Неговите колеги, музичарите, естрадните уметници, водителите, новинарите, јавните личности и политичарите ги преплавија социјалните мрежи со пораки за збогување. Ви пренесуваме дел од нив.

Калиопи на својот Инстаграм профил напиша: „Биди ми ангел горе на небото, дојди во моите соништа со твојата виолина и омекни ми го срцето како порано…. Денес го изгубив пријателот од детството, од раната младост, училишните денови исполнети со музика… Овој први јануари е суров … си поигрува со мојата свест и буди неверување… болка… како најголем потсетник на изгубеното…“.

Тажно е збогувањето и на естрадниот уметник Жаре Бербер: „Таман помислив дека малерот отиде со 2020 година, кога ме уби у појам веста дека мојот маалски не напушти…Ме разочара, ме уби у поим, ми се смачи денот, а таман помислив дека денот ќе го памтам по убаво. Момчето од калето беше алтан дете, убаво чоече…Го памтам од кога постојам. Со виолинчето кога одеше накај Луј (музичко) на часови, ќе поминеше у маало покрај нас и ќе не погледнеше питомо додека ние местевме голчиња од камења и се делевме за да играме фудбал. Му фалеше тоа уживање затоа што беше свесен дека ако сакаш да бидеш добар музичар мораше нешто да се жртвува од детството. Џорлев друже, и покрај тоа што веќе те нема ќе останеш да живееш секаде каде што твојата нога стапнала, твојата душа творела музички, секаде кај што твоите раце пуштија звук од тоа чудо од инструмент кој тебе живот ти значеше. Патувај пријателе, нека бог ти ја упокои душата на вистинско место. Ти ќе продолжиш да живееш затоа што луѓето како тебе никогаш не умираат…“

Долг пост објави и новинарката Весна Миленковска:

„Никогаш не помислив дека ќе се збогувам со тебе на ваков убав ден, кога сите полни со надеж ја испративме никаквата и ја дочекавме новата, која треба да не спаси од ова лудило. Токму тоа лудило наречено корона, која те раздели од нас, тебе пред неколку месеци те натера да се вратиш во минатото и од корен да смениш некои работи во животот. Ми рече: Откако почна сето ова со короната, почнав со средување на архивата. Како минуваа деновите, средувајќи фотографии, видео и аудио снимки, видов како да сум изживеал неколку животи, со она што сум го направил досега“. Да, направи многу, но не требаше тука да застанеш, требаше уште многу да се дружиме, да не викнеш на уште многу промоции, уште многу да направиш за македонската музика. Штета за твојата младост, штета за македонската музика.. Почивај во мир другарче, остави многу зад себе за да бидеш вечен.“

На фотографијата Ели Танаскова, Весна Миленковска и Џорлев

Водителката Ирена Спировска имала бројни соработки со Џорлев, па веројатно и две пораки се малку за збогување. „Беше врвен музичар,долгогодишен соработник на ТВ АЛФА во голем број проекти и пред се беше голем човек! Беше чест и привилегија да се соработува со ваков професионалец!“ и додаде „не го паметам точниот број на нашите заеднички соработки низ годините, но секогаш ќе го паметам неговиот професионализам, одговорност и принципиелнот, љубовта кон музиката и виолината, ентузијазмот и посветеноста во се што правеше….сите нешта поради кои неговото име ќе остане запишано со златни букви во нашата музичка историја!“

Новинарката Соња Алексоска Неделковска вака се прости со музичарот: „Колку пати ти како соговорник, јас како новинар, се боревме за македонската песна. Со часови дебатиравме колку е тешко што младите не се запознаени со нашето музичко минато поради напливот на разни „хитови“ од соседството. Пиши Соња, сè ќе ти кажам…Што да кажам сега Зоки. Кнедла имам во грлото. Ти не беше само врвне музичар и виолинист. Ти беше многу повеќе од тоа. Толку мил, добар, мирољубив човек ретко се среќава во животот“.

И текстописецот Огнен Неделковски напиша статус на Фејсбук – „Маестро, ти благодарам за сè што направи за македонската музика. Таму горе вечно нека свири твојата виолина. Вечна слава.“

Помладите музичари, исто така, жалат за нивниот идол и пример за музичар. Полина Тасева забележа „ Не погоди неочекувано, боли премногу… наш чичко Зоки имај светол пат и вечен мир“, а Огнен Здравковски се согласи дека Македонија загуби многу голем и значаен човек: „Мојот најголем идол, мојот животен ментор, мојот втор татко, мојот маестро, моето сè…. Зошто…? Зошто волку рано, не се договоривме вака? Не знам што, а и не можам ништо друго да напишам во овој момент, само ќе ќажам дека од денес мојот живот никогаш нема да биде ист. Ќе те сакам засекогаш…“

Колешката виолинистка, Андријана Јаневска е длабоко потресена од прераното заминување на Џорлев. Постираше видео на кое настапиле заедно – „Кога ја снимавме емисијава ми ја позајми твојата виолина. Свири им на ангелите. Царство небесно!“

Здружението Арт Вивенди нè потсети на неговото последно ЦД „Зајди, зајди“. „Звуците од неговата виолина ќе не потсетуваат на неговата големина. Голема е честа да се биде издавач на неговото последно ЦД „Зајди, зајди“.

Игор Филевски – Филе се огласи од Малта: „А тамам се понадевав дека убаво ќе почне годинава…Широко ти небо, ни ги скрши вечерва срцата, ама ќе те носиме засекогаш во нас и со нас, додека пак не седнеме заедно, па да продолжиме таму каде што застанавме…“

Се огласи и Гиш: Патувај со Песна во Вечноста, Брат, Вечен Помен и Слава. Сочувство до семејството“. 

Збогувачки пораки и песни на социјалните мрежи објавија и Викторија Лоба, Каролина Гочева, Влатко Лозановски и многу други.