Кошаркарите на Реал Мадрид ја совладаа Олимпија Милано со 91-87, во рамките на 29. коло на Евролигата. „Кралевите“ се радуваа во драмата во „ВиЗинк Центарот“ во Мадрид, која траеше до последната минута. Екипите одиграа целосно израмнет натпревар и „манекените“ имаа свои моменти и многу лесно можеа да победат, но на крајот не успаја. Џанан Муса блесна, уфрли 27 поени и го поведе тимот до славје. По него на листата поентери најдобро котираа Напие од Милано и Таварес од Реал со по 17.
Валенсија успеа да извојува тесна победа против Фенербахче (82-80), со која ги задржа надежите за пласман во четвртфиналето. Против турскиот тим, шпанците ставија крај на лошата серија резултати.
Во битката за место меѓу најдобрите осум порази претрпеа Жалгирис од Олимпијакос (72-74) и Басконија кај Макаби (93-79).
На останатите натпревари Монако ја совлада Виртус Болоња (81-76), а Панатинаикос триумфира кај Асвел (82-86).