Филмот „Those Who Wish Me Dead“ е големото враќање на Анџелина Џоли во вистинската акција на екранот по повеќе од една деценија. Но, за актерката, човечката страна на филмот е она што ја привлекло кон овој проект.
„Ме привлекуваат луѓе што доживеале нешто и се скршени, а потоа го наоѓаат својот пат и продолжуваат напред, го надминуваат тоа што им се случило. Како уметник, едноставно се лечам кога играм такви улоги. Оваа улога ми помогна многу, затоа што колку и да сте скршени од болка, повторно може да застанете на нозе“, вели Џоли за „ЕТ“.
Во филмот „Those Who Wish Me Dead“ на писателот и режисер Тејлор Шеридан, Анџелина ја игра Хана Фабер, специјално обучена пожарникарка која се пушта на местото на пожарот со падобран. Ликот на Џоли се бори со посттрауматско стресно нарушување откако доживеала трагедија на работа за којашто самата смета дека е одговорна.
„Таа е многу скршена личност која носи голема вина“, вели Џоли за својата улога.
Кога Хана ќе наиде на изгубено 12-годишно момче кое е сведок на убиство на неговиот татко, таа се обидува да го заштити од напаѓачите кои трагаат по момчето и од пожарот што наскоро ќе почне да беснее околу нив.
Џоли за потребите на овој филм и својата улога тренирала четири дена во неделата, правејќи многу акробации на сетот и учејќи ги вештините потребни од реалниот живот на луѓето кои се занимаваат со оваа професија.
„Површински, имате чувство дека гледате одличен трилер, одлична авантура низ необичен терен во внатрешноста на голем оган“, објаснува Џоли.
„А всушност, ова е навистина емотивен филм. Станува збор за луѓе кои имаат големо влијание едни на други и се менуваат едни со други. Емоционално и практично, тие минуваат низ огнот“, посочува таа.
Премиерата на филмот „Those Who Wish Me Dead“ е закажана за 14 мај на стримиг сервисот „HBO Max“.