Во Брисел денеска без договор заври средбата меѓу Косово и Србија. Шефот на дипломатијата на ЕУ, Борел, одговорноста ја префрли на косовската страна. Според него, ваквата ситуација остава многу опасен безбедносен вакуум во веќе кревка ситуација.„По повеќечасовни разговори, двете страни денеска не се договорија за решение. Заради транспарентност, дадовме предлог со кој може да се избегне оваа опасна ситуација. Претседателот Вучиќ го прифати, но за жал премиерот Курти не. Барам од двете страни да ги спроведат овие две барања. Тоа ќе обезбеди простор и време за да побараат трајно решение за проблемот со регистарските таблички“, рече Џозеф Борел, главен дипломат на ЕУ.Косовскиот премиер соопшти дека европскиот предлог е неприфатлив и оти посредниците од ЕУ се откажале од сопствениот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.„Во предлогот што ни го донесоа претходно господинот Борел, главниот дипломат на ЕУ и пратеникот за дијалогот, Лајчак за заедничката изјава, имаше дури и рок до март 2023 година. Доаѓаме овде до Брисел за да се договорат за нов курс, за договор што ќе се постигне пред март 2023 година“, изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Advertisements

Српскиот претседател Вучиќ по средбите изјави дека Белград е спремен да ги почитува сите совети и барања на европскиот шеф на дипломатијата, Борел.

„Бараше да не издаваат казни, а ние да не издаваме нови таблички КМ. Рековме дека тоа е во ред. Тоа ќе го почитуваме. Ќе видиме што ќе направи другата страна. Мислам дека не се случи трагедија, но секако дека нема да биде лесен период“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

На 1 ноември, Косово започна со имплементација на својот план за пререгистрација на автомобилите со нелегални српски регистарски таблички со таблички на Република Косово. Се планира казнувањето со по 150 евра за возачите кои ќе немаат легални таблички да почне од утре, 22 ноември./Alsat.mk

Шкелзен Аќифи