Милвоки Бакс ги започна подготовките за сезоната во која ќе ја брани НБА титулата, но немаше среќа ниту да го комплетира првиот претсезонски дуел во кој недостасуваа голем дел од ѕвездите на актуелниот првак.

Натпреварот во Мемфис меѓу Гризлис и Бакс бил прекинат по три одиграни периоди, поради активиран противпожарен аларм.

Салата била евакуирана, играчите се преселиле во соблекувалната, за на крајот да излезе дека се работело за погрешно активирана прскалка во салата.

Клубовите се договориле натпреварот да не продолжи за да не се ризикуваат повреди поради големата пауза по прекинот.