Студентот Дино Трајковод Природно-математичкиот факултет донираше 24 скрипти на неговите помлади колеги. Овој гест решил да го направи во склоп на акцијата што ја организираше Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на почетокот на зимскиот семестар.

Целта на акцијата била да се придонесе кон грижата за животната средина преку заштедата на хартија, но и да им се помогне на студентите и да се разбуди солидарноста.

Трајков за Радио МОФ вели дека ваквата размена е одлична идеја. Тој веќе подолго време размислувал да се вклучи во еколошки активности.

„Според мене ваквите акции треба да се стандард, постојано треба да ги има, бидејќи се корисни за студентите, а истовремено се заштедува и хартија“, посочува тој.

Сите донирани материјали биле негови. Во случајот на Трајков скриптите се лесно достапни и на македонски јазик, но нивните цени се високи.

„Тоа е доста скапо, а мора да се имаат, па ги копирам. Во однос на нивниот квалитет, не беа нешто добри, ама па не беа на странски јазик“, вели Трајков.

Тој смета дека ваквите акции се повеќе од потребни и треба да се случуваат почесто.