Неколку хрватски и словенечки културни и музејски институции следната година ќе ја одбележат 450-годишнината од големата Селанска буна од 1573 година, која се случи во делови на денешна Словенија и Хрватска.

Како што соопшти Посавскиот Музеј од Брежице, за годишнината се подготвува обемна програма заснована на историските сознанија за Селанската буна и современите сфаќања за овие историски настани.

Селанската буна од 1573 година беше бунт против неподносливите услови за живот на зависните селани.

Бунтот избувнал на имотот на Фрањо Тахи, го зафатил Хрватско Загорје и дел од Словенија, а влијаел и на голем број селански востанија на тие простори во следните неколку векови, пишува Хина. Агенцијата наведува дека според програмата, тоа бил најзрелиот бунт на селаните во хрватската и словенечката историја со цел укинување на политичката моќ на благородништвото и сите феудални давачки.

По повод годишнината се подготвуваат предавања, историски и ликовни изложби, обиколка на места поврзани со востанието, а планот е да се направи професионална монографија и да се трасира водич за рути низ областите каде што се одржале најзначајните битки.

Во проектот ќе бидат вклучени галеријата Божидар Јакац од Костањевица на Крка, културниот центар Кршко и Посавскиот музеј во  Брежице (Словенија), како и музеите на Хрватско Загорје, музејот Брдовец и мрежа на замоци од двете страни на границата.